Ципрас првпат стави вратоврска: Имав потешкотии, но ќе се навикнам

Макфакс

22/06/2018

21:07

5.330

Големина на фонт

а а а

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, го исполни облогот – стави вратоврска. „Имав потешкотии, но ќе се навикнам“, рече Ципрас пред членовите на Владата и додаде дека облозите мора да се исполнуваат.

Инаку, грчкиот премиер вети дека ќе стави вратоврска кога земјата ќе излезе од економската криза. „Денешниот ден им припаѓа на оние што брутално ги погоди кризата и чии животи беа уништени“, истакна Ципрас.

Тој додаде дека по вчерашната одлука за грчкиот долг, Грција дефинитивно врти нова страница. Ципрас истакна дека земјата поминува низ нов период.

„По осум години успеавме да го решиме проблемот со грчкиот долг, долг што не го создадовме, долг што го наследивме од силите на стариот режим. Ја преземавме тешката, но неопходна задача за трансформација на земјата”, истакна тој.

Kредиторите вчера се договорија за начинот на излегување на Грција од програмата за помош, која земјата ја користи веќе осум години, како и за мерките за намалување на долгот.

По состанокот на министрите за финансии на еврозоната во Луксембург, кој траел повеќе од шест часа, извори за „Франс прес“ изјавиле дека новиот договор ќе овозможи, како што претходно било планирано, официјална Атина од 20 август веќе да не биде под покровителство на доверителите и повторно сама да почне да се финансира на пазарите по повеќегодишната длабока рецесија.

Грција во последните осум години доби повеќе од 273 милијарди евра помош од своите доверители, еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) преку три програми за помош. За возврат Грците мораа да спроведат стотици реформи, често болни за општеството, особено за да ги залечат своите јавни финансии.




Спонзорирани линкови

Маркетинг