Клубот на избраните: Инстаграм има над милијарда корисници

Точка

22/06/2018

16:43

2.474

Големина на фонт

а а а

Од Инстаграм деновиве се пофалија со големиот број на корисници, а истовремено ја претставија и новата апликација која на корисниците им овозможува објавување на видеа со должина до еден час.

Голем број со сомнеж гледаа на одлуката на Закерберг да го купи Инстаграм во 2012-та година и се прашуваа зошто првиот човек на Фејсбук плаќа милијарда долари за платформа која што дотогаш не заработи ниту долар.

Но, со текот на времето се покажа дека потегот на Закерберг бил генијален, затоа што тој го препознал потенцијалот на ваквата социјална мрежа за споделување на фотографии и видеа, па денес вредноста на Инстаграм е неколкукратно зголемена во однос на износот кој што го плати Закерберг.


Од Инстаграм за прв пат информации за бројката на корисници објавија во септември 2017-та година и тогаш оваа социјална мрежа имаше 800 милиони месечно активни корисници, а сега се пофалија дека таа бројка пораснала за 200 милиони и сега надминува вртоглави една милијарда корисници.

Тоа е голем успех за оваа социјална мрежа, а иако не се објавуваат приходите на Инстаграм, според анализите, само во текот на 2018-та година во САД, Инстаграм ќе оствари речиси 5,5 милијарди долари приход, што е зголемување за речиси 70% во однос на минатата година.


Освен информацијата за бројот на корисници, од Инстаграм ја претставија IGTV, апликација преку која корисниците ќе можат да објавуваат видео содржини со времетраење до еден час, што е огромно зголемување, затоа што досега можеше да се објави видео не подолго од една минута.

Секако, покрај преку IGTV апликацијата, корисниците ќе можат да пристапат и директно преку Инстаграм, а се претпоставува дека социјалната мрежа со овој потег сака да ги привлече бројните „инфлуенсери“ да се префрлат од YouTube, токму на Инстаграм.



Спонзорирани линкови

Маркетинг