Како што пренесува „Дојче Веле“, БиХ и сите останати балкански земји не можат сами да го решат проблемот со нелегалната миграција, па затоа ќе биде потребен поголем ангажман од Европската унија.
Германски „Дојче Веле“ потсетува дека кога Унгарија пред три години подигна ограда на границата со Србија со цел да ги спречи мигрантите илегално да влезат на унгарска територија, беше јасно дека мигрантите од Азија ќе побараат нови рути за нивната крајна цел – Германија или останатите развиени западноевропски земји.
Набрзо беше воспоставена „нова балканска рута“, која што за разлика од првата, за среќа ја одминува Македонија. Новата мигрантска рута преку Грција, Албанија, Црна Гора и Србија ги води мигрантите од Азија и Африка кон Босна и Херцеговина која што има граница со Европската унија (Хрватска) подолга од илјада километри.
#BREAKING @UNmigration #Bosnia #migrant protection team are witnessing group irregular border crossing attempt towards #Croatia in Velika Kladusha. Very worrying development that risks to create backlash that is not in interest of anyone. pic.twitter.com/jlrCH95MPt
— Peter Van der Auweraert (@PeterAuweraert) June 18, 2018
Кон крајот на 2017-та и почетокот на оваа година започнале да пристигнуваат и првите извештаи за зголемен прилив на илегални мигранти во Босна и Херцеговина, а во оваа земја се поголем број мигранти пристигнуваат од Пакистан, Авганистан, Сирија, Ирак и државите од северна Африка.
Мигрантите границата помеѓу БиХ и Србија, односно БиХ и Црна Гора ја минуваат на повеќе локции, по што се упатуваат кон внатрешноста, во Сараево и кон границата со Хрватска. Најпогодено засега е местото Велика Кладуша чии што власти се изјаснија против сместувањето на мигрантите на подрачјето на таа општина.
Босанските власти тврдат дека поради мигрантите е загрозена и безбедноста на граѓаните, а тоа го потврдува и неодамнешното убиство при меѓусебните пресметки на мигрантите во оваа општина.
„Дојче Веле“ пренесува дека мигрантите настојуваат преку Велика Кладуша да се префрлат на хрватска територија и од таму да го продолжат својот пат кон Германија, но и другите земји на Европската унија како што се Австрија и Италија, па затоа полициите на БиХ и Хрватска во последниов период драстично ги засилиле граничните патроли.
Експертите сметаат дека поради ваквата ситуација, можно е Босна и Херцеговина да потоне во длабока мигрантска криза која што ќе има потенцијално сериозни последици по државата, затоа што во однос на другите земји од Западниот Балкан, во БиХ покрај економските, безбедносните и хуманитарните, има нагласени дополнителни политички и етнички елементи.
Праксата на физичко затворање на границите која што ја воведе Унгарија се покажа како добитна комбинација, но територијата на Босна и Херцеговина е покомплексна, па ако не пристигне помош од Европската унија, тогаш дефинитивно овој дел од Балканот ќе потоне во нова голема мигрантска криза, слична на онаа со која што се соочија Грција, Македонија, Србија и Унгарија пред три години.