Арсовски: Заев ги чини прескапо граѓаните на Република Македонија

Макфакс

20/06/2018

14:58

1.333

Големина на фонт

а а а

Зоран Заев, Никола Димитров и другите од СДСМ потпишаа капитулантски и срамен договор за Република Македонија и македонскиот народ, рече денеска Димче Арсовски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција.

„Зоран Заев на предизборен митинг во 2016 година, пред само 2 години, гарантира, значи повторувам гарантира, дека нема да се смени Уставот и дека никој нема право да го менува. Сме имале одличен и европски Устав, како што рече тој“, потсети портпаролот на опозициската партија.

Притоа, Арсовски констатира дека Заев направил вешта манипулација за да дојде на власт и веднаш потоа тргнал во распродавање на Република Македонија.

„Името, идентитетот, националноста, откажувањето од македонското малцинство насекаде во светот. И сето тоа да стои запишано во Уставот на државата што сака да го промени. Зоран Заев ги чини прескапо граѓаните на Република Македонија и е човекот што ги манипулира граѓаните под превезот на нереалните плати што ги вети, нереалните пензии што впрочем ги намали, а не ги покачи, и проекти што воопшто не се ни реализираат за потоа да склучи капитулантски договор за нашата држава“, рече Арсовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека народот e обединет и многу повеќе свесен за она што се случува во нашата држава.

„На Македонија ѝ е потребна народната мудрост каква што отсекогаш ја имал нашиот народ. И сега е потребно да се чуе неговиот глас посилно и погласно од кога било досега. ВМРО-ДПМНЕ останува со народот и понатаму. Овој криминален картел на власт мора да падне. Зоран Заев ќе падне, а Македонија ќе победи“, истакна Арсовски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг