Иванов до Заев: Покрени постапка за импичмент, мојот став за договорот со Грција е конечен

Макфакс

20/06/2018

11:10

3.803

Големина на фонт

а а а

Претседателот Ѓорге Иванов го повика премиерот Зоран Заев да покрене постапка за импичмент. Во соопштението испратено од кабинетот на претседателот, Иванов реагира на „сите изнесени невистини и закани од страна на претседателот на Владата, Зоран Заев, во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 Телевизија“.

„Го повикувам Заев со истото двотретинско мнозинство кое е неопходно за менување на Уставот на Република Македонија, веднаш да покрене постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката, односно импичмент. Мојот став во однос на штетниот договор за името е конечен и останува непроменет и покрај сите искажани закани и притисоци“, се вели во реакцијата на претседателот.

Заев вчера во интервју изјави дека е можно собраниското мнозинство да побара импичмент за претседателот Ѓорге Иванов, ако не го потпише договорот со Грција откако граѓаните на референдум би се изјасниле позитивно. За евентуалното повторно покренување на оваа постапка, според Уставот е неопходно двотретинско мнозинство во Собранието и во Уставниот суд.

„Има желба за окрупнување на парламентарното мнозинство и тоа ќе го направиме исклучиво за импичмент на претседателот, ако мораме. Граѓаните се тие што ќе решат дали сакаат промена на името, но ако на референдумот договорот се прифати, никој нема право да го попречува нивното мислење“, рече Заев.

Постапка за утврдување на одговорност на претседателот покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии. Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.

СДСМ како опозиција иницираше постапка за импичмент на Иванов на 13 април 2016 година, ден по одлуката на претседателот Иванов за помилување 56 лица. На 27 мај тој ја повлече аболицијата за, како што наведе, 22 политички експонирани лица. Иванов ги упати преостанатите 34 лица кои не сакаат да бидат помилувани, да си поднесат барање за поништување на одлуките кои се однесуваат на нив. Потоа на 6 јуни, Иванов ги поништи и останатите одлуки за помилување.



Спонзорирани линкови

Маркетинг