Поранешниот израелски министер за енергетика и инфраструктура, Гонен Сегев е обвинет за шпионажа и „помагање на непријателот за време на воен период“.
Како што пренесуваат израелските медиуми, поранешниот министер наводно собирал и испраќал доверливи информации на најголемиот израелски непријател – Иран.
Сегев е навистина специфичен случај, затоа што и претходно бил во затвор, но поради трговија со дрога. Поради обвинувањата за соработка со Иран, тој беше уапсен минатиот месец во Екваторијална Гвинеја и експресно беше екстрадиран во Израел.
Израелската безбедносна служба, Шин Бет, тврди дека Сегев соработувал со иранските разузнавачки агенти уште од 2012-та година. Поранешниот израелски министер, како што е наведено во обвинението, стапил во контакт со ирански агенти на просторот на иранската амбасада во Нигерија.
„Им давал информации за нашиот енергетски сектор, за безбедносните локации ширум Израел“, стои во обвинението кое што го пренесуваат израелските медиуми и го привлекоа вниманието на целата светска јавност, затоа што станува збор за навистина уникатен случај кој што се случува во Израел – една од земјите со најмоќни разузнавачки агенции на светот.
Поранешниот министер во два наврати го посетил Иран каде што имал средби со иранските разузнавачи, а со нив наводно одржувал состаноци и во хотели и „безбедни куќи“ ширум светот. Исто така, тој добил и посебен електронски уред за испраќање на кодирани пораки. Сите детали засега не се познати, а не е познато ниту каква казна ќе добие.
Сегев беше министер во периодот од 1995-та до 1996-та година. После политичката кариера, тој беше уапсен и одлежа две години во затвор затоа што се обидел да прокриумчари во Израел 32 илјади парчиња екстази од Холандија. Од 2007-ма година тој не живее во Израел.
Израелски „Канал 10“ пренесува дека на актуелното судење, Сегев се бранел со тврдењето дека всушност сакал „да ги измами Иранците и да се врати во Иран како херој“, затоа што репутацијата во земјата поради скандалот со дрога му била нарушена. Сепак, се чини дека никој не му верува во тоа.