Валтери Ботас смета дека Мерцедес не се фаворити во пресрет на враќањето на Големата награда на Франција. Тото Волф ја опиша последната трка во Монтреал како будење за тимот, а победата го врати Себастијан Ветел на чело на возачкиот поредок.
Новиот мотор на Мерцедес беше одложен за по Канада, а Ботас смета дека подобрувањата се итни.
„Ова е различна трка, различни гуми и позитивно е тоа што ќе имаме нов мотор кој многу ни требаше во Канада за да нападнеме за победа. Се надеваме дека ќе добиеме и други новини и подобрувања на болидот затоа што сите тимови се развиваат со секоја следна трка, а конкуренцијата станува се пожестока.
Отидвме во Канада знаејќи дека патеката во теорија ни одговара, но мислевме дека и со стариот мотор имаме шанса за победа, но тоа не беше случај што покажа колку е жестока развојната трка и колку треба да се подобруваме секој следен викенд.
Дефинитивно не сме фаворити за Француското Гранд При, тоа е факт“, потенцираше Финецот.