БМВ во Ле Ман го претстави новото и најлуксузно купе во својата гама – очекувано, продукциската верзија има поконвенционален и помалку авангарден дизајн во однос на веќе познатиот концепт од 2017-та година.
После една година чекање, БМВ конечно го претстави новиот “8 Series Coupe”, кој што на почетокот на купувачите ќе им биде достапен во две верзии, една со бензинец и една со дизел мотор.
Како класичните големи купе автомобили, исто така и новиот автомобил на БМВ го одликува долгата хауба, а новиот модел има и „спуштен нос“ и поагресивен преден дел со широка маска на ладилник и благо закосени фарови.
Агресивноста исто така продолжува и на задната страна каде што највпечатливи се отворите за воздух. ЛЕД светлата доаѓаат како дел од стандардната опрема, а купувачите ќе можат да ги нарачаат и футуристичките ласерски предни светла на БМВ.
Внатрешноста исто така е поинаква во споредба со минатогодишниот концепт, но од БМВ одлучија да ги задржат двата големи дигитални дисплеи – едниот со големина од 10,3-инчи поставен пред возачот на местото на конвенционалната, аналогна инструмент табла и другиот, 12,3-инчниот екран кој што се наоѓа на централната конзола како дел од инфотејнмент системот.
Исто така, опционални се и бежичниот полнач за мобилни телефони, како и премиум аудио системот од марката Bowers & Wilkins.
На почетокот од продажбата ќе биде достапен моделот M850i xDrive со 4.4 bi-turbo V8 мотор со 8-степенски автоматски менувач. Овој агрегат испорачува 530 коњски сили (390 kW) и 750 Nm максимален обртен момент. Автомобилот ќе забрзува од 0 до 100 километри на час за само 3,7 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час.
Секако, од БМВ не се откажаа од дизел моторите, па купувачите ќе ја имаат на располагање верзијата 840d xDrive со шестцилиндарски 3.0 bi-turbo мотор кој што развива 320 коњски сили (235 kW) и 680 Nm максимален обртен моментот. Дизелашот од 0 до 100 километри на час ќе забрзува за 4,9 секунди, а максималната брзина исто така ќе биде електронски ограничена на 250 километри на час.
Новиот “8 Series Coupe” на БМВ во европските продажни салони пристигнува во ноември, а наскоро ќе биде соопштена и цената на овој автомобил.