Овогодишното издание на Skopje Street Music Festival ќе се одржи од 21-ви до 24-ти јуни на седум различни локации во градот. Како што најавија организаторите, целта на фестивалот е да потсети дека добрата музика не треба да биде затворена само во концертни сали, туку истата може да се разлее и по улиците, нудејќи им на минувачите и посетителите незаборавно искуство.
На Плоштад Македонија, Градски Парк, ТЦ Лептокарија, Паркот кај авиончето во Ново Лисиче, Плоштад Скендербег, платото пред Универзална сала и Боемска улица, во термини од 18:00, 20:00 и 22:00 часот ќе се свири Rock and Roll, Jazz, Bossa Nova, етно, класична и филмска музика. Покрај тоа ќе настапат и специфични состави со француски шансони, еврејска музика и хорско пеење.
За изведувачите ова ќе биде посебен предизвик, првенствено заради фактот што дел од нив музиката ќе ја изведуваат на несекојдневни и многу специфични инструменти како ксилофон, вибрафон, акустично пијано, бандонеон, кои не се среќаваат на отворен простор.
„Поставувањето на акустичен инструмент на нестандардна локација е привлечно за минувачите, а предизвик за изведувачот“- вели д-р Дуња Иванова, наша позната пијанистка со светска слава. Таа на Skopje Street Music Festival ќе настапи на 23-ти јуни (сабота) во Градски парк. На акустично пијано ќе изведе филмска музика. „ Звукот на Филип Глас кој го исполни филмот „Часови“ како и музиката на Мајкл Најман препознатлива од култниот филм „Пијано“ ќе бидат надополнети со сензибилноста на Лудовико Еинауди. Минимализмот е повторно мојот предзнак, како можност за музичко искуство кое за публиката ќе обезбеди патување низ мислите и чувствата“- додава Иванова.
За Летка Димовска - Полизова, основач на хорот „св. Злата Мегленска“ учеството на Skopje Street Music Festival за членовите на хорот претставува огромно задоволство, но и уникатна можност домашната публика да ги слушне со репертоар по кој се познати во светот. “Ќе настапиме со композиции инспирирани од преубавиот македонски фолклор, неговата ритмичка комплексност и мелодиската бујност, обработките и народните песни, аранжмански прилагодени во повеќегласност. Ете затоа сме многу возбудени и со нетрпение го очекуваме нашиот настап кој ќе се случи на 21-ви јуни, во вечерните часови, онака светско- боемски, како што доликува на овој жанр“- истакнува Димовска – Полизова.
Во овие четири дена, 25 изведувачи, ансамбли и групи ќе го претворат градот Скопје во музичка сцена под отворено небо. На репертоарот ќе биде застапена авторска музика но и преработки на познати песни. Покрај споменатите, свое учество на фестивалот ќе имаат и Kabadays, Антоние Весковски на вибрафон, Елена Чадиковска на ксилофон и гитара, Pezzanov piazzolla project, Fighting Windmills, Bossa Un Der Cover, Монистра и други. Целосната програма на фестивалот може да ја погледнете тука.