ВМРО-Народна упати реакција во однос на случајот „Тимјаник“ кој, како што велат од партијата, треба длабоко да ја загрижи државата, нацијата но и црквата, а воедно и да отвори насоки кон соодветно решение, кое тие го гледаат во системскиот одговор.
„Бараме системски одговор од страна на државата бидејќи во прашање е доведен хуманитарниот пристап и однос, односно спротивно на заложбите кон тоа да нацијата помага без ралика на типот и степенот на нарушување. Потребен е и одговор од страна на црквата бидејќи во прашање е доведена основата на христијанскиот приод каде што јасно се вели дека секој човек треба да помага на слаби, изнемоштени, немоќни лица, оној што нема или оној на кој му е најпотребна некаква помош“, стои во партиското соопштение.
ВМРО-Народна партија упати апел и до Македонската православна црква, со нејзиниот христијански пристап да се вклучи во решавањето на ваквите, како што наведуваат, системски грешки.
„Предлагаме воведување на волонтерски часови во сите средни училишта, каде што секое дете ќе биде должно да учествува и за време на тие волонтерски часови да оствари посета на старски домови, домови за деца со посебни потреби, деца кои се тешко болни и поголемиот дел од своето време го поминуваат по клиничките болници и центри. Сметаме дека е добро да се земат примери од европските држави и светот во однос на ваквиот пристап бидејќи ова не е ништо ново, туку нешто што кај нас може со сигурност да ја смени погрешната слика за овие категории на луѓе, а притоа да ни донесе само позитивна придобивка и заеднички пристап кон решавање на прашања и проблеми со кои се соочуваат“, се наведува во соопштението на ВМРО-Народна партија.