Иако мислевме дека ги видовме сите снимки и анализи од самитот Трамп-Ким во Сингапур, во јавноста се појавил документарец кој специјално за оваа прилика го подготвила севернокорејската државна телевизија.
Снимката од историскиот пат на нивниот лидер трае нешто помалку од 45 минути.
Некои од кадрите прикажуваат стотина Севернокорејци кои воодушевено аплаудираат и го испраќаат Ким на големиот пат. Се гледаат и сцени во текот на летот, при слетувањето во Сингапур, како и досега неемитувани снимки од лидерот во луксузниот хотел во кој се состанал со Трамп.
Документарецот ги прикажува и жителите на Сингапур, кои излегле на улиците за со свои очи да го видат севернокорејскиот лидер. Нараторот во документарецот вели дека Сингапурците топло го поздравиле Ким.
"Многу лидери од различни земји го посетиле Сингапур, но во историјата на оваа држава не е видено улиците да се преполни со луѓе кои изразуваат добредојде", вели нараторот во документарецот.
North Korea state media airs unseen video from Trump-Kim summit https://t.co/FFOZTFC7SS pic.twitter.com/cIu28i8PjH
— CNN (@CNN) June 14, 2018
Камерите на севернокорејската телевизија биле посебно фокусирани на насмеаните лица на жителите на Сингапур кои се обидувале со своите телефони да го снимат Ким Јонг Ун додека шета по улиците.
"Улиците биле преполни со луѓе кои му се восхитувале на Врховниот лидер поради неговите брилијантни политички вештини кои ги користи во водењето на комплексните меѓународни политички случувања", вели нараторот.
Но, покрај вообичаеното славење на неговиот лик, документарецот се фокусира и на самиот Сингапур, како на многу успешна капиталистичка држава, што претставува своевиден преседан. Имено, севернокорејските медиуми досега се воздржувале од прикажувањето на успесите на странските држави.
Филмот завршува со кадри од триумфалното враќање на Ким Јонг Ун во Пјонгјанг, при што стотина насобрани ги веат државните знамиња.