Бугарскиот премиер, Бојко Борисов зазема страна и не ја сфаќа главната цел на неговото претседавање со Унијата, изјави претседателот Ѓорге Иванов по средбата со бугарскиот претседател, Румен Радев.
„Тоа е негова одлука и негова е одговорноста. Борисов не е само премиер на Бугарија, туку и на земја која претседава со ЕУ. Европската Унија секаде промовира дијалог, конструктивност, отвореност и соработка така што со тој негов гест само зазема страна и не го остварува тоа што е и цел на членување и претседавање со ЕУ“, изјави македонскиот претседател.
Претходно Борисов и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева ги откажаа средбите со македонскиот претседател, посочувајќи дека не сакаат да се мешаат во внатрешните работи на нивната соседна држава.
Иванов е во дводневна официјална посета на Бугарија.