Иванов: Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор

Макфакс

13/06/2018

17:26

2.907

Големина на фонт

а а а

Договорот за името е личен договор помеѓу премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Овој договор е неприфатлив, нема да дозволам легализација на политички дивоградби, односно нема да го потпишам договорот за името со Грција, рече претседателот Ѓорге Иванов при денешното обраќање кон јавноста.

Тој истакна дека денеска за прв пат имал увид во договорот со кој, како што рече, прекршени се позициите кои досега беа изградени.

„На средбата со Заев и Димитров им кажав дека ова е нивен личен договор, нивна одлука и одговорност. Договорот е недостоинствен и неприфатлив, а со него се кршат уставот и законите“, рече Иванов.

„Договорот нема правна сигурност и гаранции за македонската страна. Грција успеа да ги исполни нејзините барања. Тоа што го направи со Македонците во Грција, преку договорот настојува да го направи и со Македонците во Македонија“, заклучи Иванов.

Претседателот додаде дека со договорот не се предвидува само промена на името, туку и промена на преамбулите, меѓу кои и бришење на членот од уставот за македонското малцинство.


"Текстот во договорот е поразителен. Покрај тоа што се менува Уставот, се менува и преамбулата и членовите кои се однесуваат на името. Дали е патриотизам да не се грижиме за малцинставата? Дали е патриотизам Грција да добие се што побара, а ние ништо? Со овој договор се погазува заветот на нашите претци за единствена Македонија и се брише 27-годишната историја на државата", рече Иванов.

Претседателот на Република Македонија истакна дека ЕУ и НАТО не смеат да бидат оправдување за потпишување штетен договор.

"Договорот нема да го потпишам. Ќе се залагам за решение прифатливо за сите граѓани на Република Македонија. Народот каде и да е, да не се плаши. Мојата одлука е конечна и нема да ме заплашат со никакви закани и уцени", рече Иванов.



Спонзорирани линкови

Маркетинг