Глас за Македонија: Иванов да го искористи уставното право и да не го потпишува указот

Макфакс

13/06/2018

17:00

1.327

Големина на фонт

а а а

Партијата Глас за Македонија не ја прифаќа капитулацијата на Зоран Заев како свршен чин, наведуваат оттаму преку соопштение.

Од партијата на Солза Грчева велат дека ова е само една битка во војната што мора да се добие затоа што, како што истакнуваат, овој историски, политичко-дипломатски преседан, не може и не смее да стане траен предавнички печат на еден народ, кој државата ја создал со визии и крв на многубројни генерации.

„Вчерашниот ден ќе биде запишан како најсрамниот во поновата историја на Македонија. Со комплекс на инфериорност што се обидува да му го наметне и на македонскиот народ, а како возврат за шансата да биде премиер, Зоран Заев всушност соопшти дека со договорот со Ципрас му ги исполни сите желби на нашиот јужен сосед за обезличување, обезименување и одземање на минатото и иднината на македонскиот народ“, велат од партијата.

Глас за Македонија ги повикува граѓаните, граѓанските здруженија, политичките партии, кои сакаат да ги сочуваат името и достоинството на државата, да се обединат во еден промислен и истраен процес, чија крајна цел е да се спречи овој договор да стапи во сила.

„Не смее да им се подлегне на замената на тезите, па предавството и подаништвото да се прикажува како лидерски, историски чин. Лидерство е да ја градите земјата чесно, со сопствени сили, како рамноправен партнер со Европа и светот, да го мотивирате народот со идеи и труд да се избори за подобар живот и почит од соседите и од меѓународната заедница“, стои во партиското соопштение.

Во таа смисла Глас за Македонија го поддржува претседателот Ѓорѓе Иванов во намерата да го искористи уставното право и, како што велат, должност да не го потпише указот доколку договорот Заев-Ципрас стигне во македонското Собрание и пратениците изгласаат ратификација.

Од партијата очекуваат МАНУ и сите врвни државни институции да ја преземат одговорноста за сè што може да се случи доколку договорот се реализира и Република Македонија, како што велат, влезе во црната дупка, ископана од владејачката елита и соработниците.



Спонзорирани линкови

Маркетинг