Јадранот е најтопол во последните 100 години - што се случува?

Точка

13/06/2018

18:45

3.686

Големина на фонт

а а а

Луѓето кои овие денови се капат во Јадранот се прилично изненадени. Од север до југ, температурите на морето се пријатни за капење, дури и за оние на кои постојано им студи.

Површинските температури на морето моментално се околу 3 до 4 Целзиусови степени повисоки во однос на просекот за првата половина на јуни. Од 2008 до 2015 година, просечната температура на површинскиот слој на Јадранот пораснала за 1,25 степени, а тој тренд на забрзано загревање не престанува. 

Топли месеци, но без бура

Д-р Ивица Вилибиќ од институтот за океанографија и рибарство вели дека интензивното загревање на морето е последица на исклучително високите температури на воздухот кои постојано се високи од средината на мај.

"Со тоа, во овој период нема поизразени епизоди на бури кои инаку предизвикуваат подигнување на студеното море од подлабоките слоеви и мешање на морето од нашата обала. Сумарно, можеме да кажеме дека температурите во овој дел од годината се највисоки во однос на последните 100 години", истакнува Вилибиќ.

Јадранот побрзо реагира на климатските промени

Плитките мориња во кои спаѓа и Јадранот, побрзо ги чувствуваат климатските промени отколку океаните, бидејќи длабочината на океаните е поголема од длабочината на крајбрежните води.

Вилибиќ вели дека климатските модели го предвидуваат порастот на екстремно топлите периоди во целото Средоземје, како во атмосферата така и во морето.

"Моменталните мерења го потврдуваат тоа. Климатските промени се сегашност, а не само иднина. Предвидувањата велат дека просечната температура на воздухот во подрачјето на Јадранот (доколку емисијата на штетни гасови не се намали) ќе порасне за 4 до 5 Целзиусови степени".


Последици за животните и луѓето

Високите температури делуваат и на живиот свет во морето и на човекот, како во позитивна така и во негативна смисла на зборот. На пример, зголемената температура на воздухот и морето напролет го продолжува траењето на туристичката сезона. Од друга страна, превисоките температури можат да бидат фатални за поединечни загрозени категории на луѓе - за лицата кои страдаат од срцеви проблеми и слично.

"Во морето, порастот на температурите им одговара на поединечните видови како што се оние во топлите мориња. Од друга страна, им отежнува на видовите од студените мориња како што се на пример шкампите. Некои од инванзивните видови ќе се одомаќинат во Јадранот, додека некои други видови веројатно повремено ќе мигрираат во морето. Со тоа, зголеменото загревање дополнително ќе го зголеми нивото на морето, а до тоа допринесува и топењето на ледот", истакнува сплитскиот физичар.

Невообичаена сезона на бури

Вилибиќ, заедно со своите соработници објавил повеќе трудови во светските списанија преку кои покажал како студените зими и силните бури имаат важна функција во движењето на струите и создавање на густи води, збогатени со кислород во Јадранот. Со тоа, тие имаат големо значење не само за организмите во длабоките делови од морето туку и за соседните медитерански мориња.

"Овогодишната сезона на бури и студенило беше невообичаена бидејќи се јави кон крајот на зимата, односно кон почетокот на март. Истовремено, поголемиот дел од зимата беше потопол од просекот. Дефинитивно, екстремите односно менувањето на исклучително топлите и студените периоди денес се почести отколку пред неколку десетици години", вели Вилибиќ.


Иднината на Јадранот не е светла

Она во кое можеме да бидеме сигурни е дека Јадранот ќе станува се потопол и посолен.

"Струењето ќе биде послабо и кислородот во длабоките слоеви ќе биде послаб што ќе има значајно влијание врз живиот свет на дното на морето. Температурата на воздухот ќе биде повисока, а какво ќе биде влијанието зависи и од тоа колку ќе бидеме способни да се прилагодиме на климатските промени. Со оглед на денешното однесување на политичарите и нациите кои не обрнуваат внимание на она што се случува, не сум сигурен во тоа дали ќе имаме светла иднина. Но, еднаш кога ќе го достигнеме дното, а веројатно тоа и ќе се случи, можеби соживотот со природата ќе биде остварлив, како во подрачјето на Јадранот, така и во светот", порачал Вилибиќ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг