Мицкоски бара итни средби со Иванов и со Заев за договорот за името

Макфакс

13/06/2018

12:35

2.797

Големина на фонт

а а а

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побарал итна средба со претседателот Ѓорге Иванов во врска со договорот за името со Грција.

Тој на прес-конференција во партиското седиште побара и итна средба со премиерот Зоран Заев на која очекува да му биде доставен пишаниот документ за она за што се согласил со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Првиот човек на опозицијата очекува наскоро да добие повратен одговор кога би се одржале средбите.

Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е против ваквиот договор за името и дека нема да прифати промена на Уставот. Најави дека ќе се спротивстават со сите правни средства против овој „капитулантски договор“.

„Нека суди македонската јавност со каков човек имаме работа. Заев ветуваше едно, а на Македонија и донесе договор за капитулација. Ниеден негов збор не вреди ништо, лага и манипулацијата е неговото примарно однесување. За неколку месеци го смени своето однесување, нанесувајќи и штета на Република Македонија. Овојпат влогот не се струмичките фирми, овојпат цената на неговото капитулантно дело ќе ја плаќаат граѓаните на Република Македонија. Ова е апсолутен пораз на македонската дипломатија и не може да се прикаже како победа. Ова е изневерување на надежите на граѓаните“, рече Мицкоски.

Според него, министерот за надворешни работи Никола Димитров е учесник во оваа капитулација. Тој го повика Димитров да даде неотповиклива оставка поради капитулацијата која што ќе се обидеат да им ја прикажат на граѓаните како победа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг