Случајот на силување и убиство на 14-годишното девојче Сузана Фелдман, е злосторство кое ја потресува Германија. Тоа го пишува "Deutsche Welle", наведувајќи дека жртвата е Еврејка, а лицето кое го признало силувањето е Курд од северот на Ирак, кој во Германија барал азил. Затоа во Германија во 2018. година, ова не е обично злосторство, наведува германското радио.
Сузана од Мајнц на 22. мај била со друштво во центарот на Визбаден и вечерта не се вратила дома. Родителите во полицијата го пријавиле нејзиното исчезнување, а бидејќи станува збор за малолетничка, веднаш била отворена истрага. Нејзиното безживотно тело било пронајдено две седмици подоцна, закопано во една дупка покрај пругата во близина на Визбаден. Судската медицина утврдила дека девојчето било силувано и потоа убиено.
На почетокот станувало збор за двајца извршители. Уапсениот 35-годишен Турчин бил пуштен од затвор, но и натаму не е исклучено дека е вмешан во злосторството. Вториот осомничен, Али Башар, 20-годишен Курд, во петокот бил уапсен на северот на Ирак и го признал злосторството. Тој на курдските сили за безбедност им признал дека бил пријател на Сузана, дека се скарале, и дека тој вечерта меѓу 22. и 23. мај ја задавил. Девојката се обидела да се јави во полицијата, и тоа наводно бил конкретниот повод за да ја убие.
Министерот за внатрешни работи на Германија, Хорст Зехофер, им се заблагодарил на курдските сили за безбедност за соработката. Не станува збор за класична екстрадиција, бидејќи процедурата за нешто такво би била компликувана и би траела многу долго. Освен тоа, да остане во Ирак, Али Башар за вакво злосторство може да добие и смртна казна. Али Башар во октомври 2015. година со семејството дошол во Германија. Тој, мајка му, татко му и уште пет браќа и сестри, побарале азил, и од тогаш живееле во бегалскиот центар во Ербенхајм кај Визбаден. Една година подоцна, кон крајот на 2016. година, барањето за азил на Али Башар му било одбиено, по што тој поднел жалба. Бидејќи одлуката не била уште донесена, не бил депортиран. Медиумите не известуваат за тоа дали барањето за азил им било одбиено на сите членови на семејството.
Али Башар неколку пати го привлекол вниманието на полицијата. Постојат показатели дека во бегалскиот центар силувал 11-годишно девојче. Меѓутоа, тој случај уште не е разјаснет. Освен тоа, неколку пати дивеел и на еден полицаец му се заканувал со нож. Пред неколку дена, на 2. јуни, целото семејство ја напушта Германија - со авион. Привремени документи добиле од Ирачкиот конзулат во Франкфурт. Авионските карти биле купени преку интернет - на лажни имиња. Тој можел да ја напушти државата, бидејќи потерницата по него била издадена два дена откако побегнал од Германија. Едно дете уверливо сведочело дека извршителот би можел да биде Али Башар, па полицијата тогаш распишала потерница. Мајката на осомничениот за "DW" рекла дека не може да верува дека нејзиниот син направил нешто такво, и дека целото семејство за тоа дознало преку интернет. Тој и кажал дека тој ден бил пијан и дека не се сеќава на ништо.
"Не сакам да биде казнет во странска земја. Ако е виновен тогаш би требало да биде казнет во Ирак", рекла мајката на осомничениот.
Случајот со силувањето на Сузана се повеќе станува политичко прашање. Во петокот навечер се собрале луѓе на местото каде била убиена во Визбаден. Пред Државната канцеларија во Мајнц во саботата бдеење одржале приврзаниците на AFD. Шефот на пратеничкиот клуб на таа партија во покраинскиот парламент, Уве Јунге, го започнал протестот со една минута молк. Тој рекол дека ова злосторство мора има политички последици.
Претходните убиства кои ги вршеле баратели на азил во Германија, предизвикувале тензии поради приливот на повеќе од милион мигранти во 2015. и 2016. година, што е прашање кое на крајната десничарска партија AFD и помогнало да влезе во парламентот на минатогодишните избори.