Груевски сакал со голема бетонска топка да го урива „Космос“

Макфакс

11/06/2018

13:32

5.442

Големина на фонт

а а а

Во кривичниот суд се репродуцираат 26 „бомби“ во предметот ТНТ, од кои 16 не се јавно објавени.

Најголем дел од „бомбите“ се прислушувани разговори меѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески и нивната интензивна комуникација за уривање на објектот. Груевски бил заинтересиран за секој детаљ од постапката, па во една од снимките го прашува Јанакиески дали може Цаноски да тужи и да добие. На тоа, Јанакиески му вели: „Ќе го јадат Коце и Тони“, притоа мислејќи на поранешните градоначалници на Скопје и општина Гази Баба.

Во еден од разговорите од 2 август, Груевски му вели на Јанакиески: „Нема ли некоја фирма да се најде? Имало некоја топка. Сум ја видел на запад и на телевизија и кога ќе се заниша со 5-6 удари половина зграда паѓа“. Јанакиески му потврдува дека чул и тој за таква бетонска топка која со 5 удари ја урива зградата. „Да видиме по градежните фирми, нема ли некоја подобра механизација?“, го прашува Груевски ексминистерот за транапорт и врски.


„Сајли имате ли?“, го прашува Јанакиески, ексдиректорот на ЕЛЕМ за „Космос“

Во прислушуваните материјали за случајот ТНТ, кои денеска се слушаат во Кривичниот суд, има и разговор меѓу ексминистерот за транапорт и врски, Миле Јанакиески и Влатко Чинговски, ексдиректор на ЕЛЕМ.

Јанакиески му барал сајли од ЕЛЕМ за да ги сечат столбовите на деловниот комплекс „Космос“ на Фијат Цаноски . Поранешниот министер, во еден од разговорите, на Чинговски му вели: „Сајли имате ли? Нешто влечеме, праиме? Сајла за влечење столбови…“

На 4 август 2011 година, Чинговски му потврдува на Јанакиески дека обезбедил две сајли од ТЕЦ Осломеј: „Еве сега ги пакуваат таму, бараат шофер и ќе ги донесе“. Притоа, Чинговски вели дека сајлите биле по 40 метри.

Во друг разговор Миле Јанакиески и поранешниот премиер, Никола Груевски, разговараат за нон-пејпер, за да се оправдаат пред странците за уривањето на објектот. Миле Јанакиески и Никола Попоски на 4 август 2011 година разговараат и за содржината на нон-пејперот. Попоски вели дека содржината на документот е во ред. „Мислам дека баш така треба да им се одговори“, вели Попоски.

За содржината на документот биле запознати и Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Никола Тодоров и ексвладиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг