Ништо од средбата на Трамп и Ким: Претседателот на САД го откажа историскиот состанок

Точка

24/05/2018

17:01

5.245

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп, ја откажал планираната средба со лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун.

Претседателот на САД тоа го нарекол "пропуштена шанса" и "тажен момент за историјата". 

Трамп му порачал на Ким дека состанок нема да има, велејќи дека во овој момент е неприкладен.

Како што навел, таа одлука ја донел поради "непријателството и бесот" искажани во последните соопштенија од Пјонгјанг.

"Во овој момент состанокот е неприкладен и за доброто на двете страни е овој состанок не треба да се одржи. Вие зборувате за своите нуклеарни способности, но нашите се масивни и помоќни, па се молам на Бог дека нема да мораме да ги користиме", навел Трамп во писмото до Ким.

Во писмото чија содржина ја објавила Белата куќа, Трамп рекол дека тој сепак се надева дека еден ден ќе се состане со лидерот на Пјонгјанг.

"Имам чувство дека меѓу нас се разви одличен дијалог и тоа е тоа што е најважно на крајот. Се надевам дека еден ден сепак ќе се сретнеме. Во меѓувреме, сакам да ви се заблагодарам што ги ослободивте заложниците кои сега се во своите домови со семејствата. Тоа беше прекрасен гест. Доколку се премислите во врска со овој состанок, ве молам да не се мислите да ми пишете или да ми се јавите. Светот, а посебно Северна Кореја, изгуби голема шанса за траен мир и благосостојба. Оваа пропуштена можност е навистина тажен момент за историјата", напишал Трамп.

Двајцата требало да се состанат на 12. јуни во Сингапур, а таа средба многумина ја прогласиле за историски момент за односите на двете држави.

Претходно денес било објавено дека Северна Кореја ги уништила тунелите во кои се вршеле нуклеарните тестови. Странските новинари кои се наоѓаат во Северна Кореја кај полигонот за нуклеарни тестирања, рекле дека виделе огромна експлозија.

Северна Кореја понудила да ги уништи нуклеарните полигони порано оваа година, како дел од повторното отворање на дипломатските преговори со Јужна Кореја и САД. Меѓутоа, експертите веруваат дека полигонот делумно се урнал сам, по тестот во септември минатата година.

Претходно и САД и Северна Кореја изразиле загриженост дека до состанокот може да не дојде. Службениците од Пјонгјанг остро реагирале на тоа што Јужна Кореја и САД продолжиле со изведување на воени вежби, што го сметаат за непријателско однесување.




Спонзорирани линкови

Маркетинг