Џафери-Брнабиќ: Развојот на билатералната соработка е на задоволително ниво

Макфакс

24/05/2018

15:33

1.291

Големина на фонт

а а а

Во рамките на официјалната посета на Србија, претседателот на Собранието Талат Џафери, се сретна со претседателката на српската влада, Ана Брнабиќ.

На средбата, заедничка констатација беше дека развојот на билатералните односи, регионалната и мултилатералната соработка се на навистина задоволително ниво и дека има интензивирање на меѓусебните посети на различни нивоа. Тоа особено има добиено на динамика по тешкиот период кој што и двете земји го оставија зад себе, период во кој што имаше застој во развојот на регионалната соработка и подобрувањето на односите со соседите од опкружувањето и пошироко, но, се чини дека по нивното надминување, се удвојуваат напорите за поправање на таа слика за регионот.

Џафери рече дека Берлинскиот процес е навистина добра основа за инфрастуктурно поврзување, запознавајќи ја притоа Брнабиќ за активностите и проектите кои се во тек или се веќе завршени во нашата земја во контекст на коридорите 8 и 10. По минатогодишното потпишување на Договорот за добрососедство со Бугарија, веќе можат да се видат резултатите кои покажуваат три пати поголема економската размена.

Во продолжение, претседателот на Собранието изрази очекување и надеж дека ќе ги започнеме преговорите за влез во ЕУ и ќе добиеме покана за влез во НАТО, а додека трае процесот на ратификација на договорот во земјите членки, ќе се најде и соодветно прифатливо решение за спорот со Република Грција. Тој истакна дека враќањето на опозицијата во работата на Собранието и усогласувањето во однос на потребниот реформскиот пакет на закони е добра вест а потврда за тоа е и започнувањето на дијалогот со опозицијата во рамките на Дијалогот Жан Моне што се одржа во Охрид и на чија агенда беше етичкиот кодекс и Деловникот а стана збор и за можните идни теми на дијалогот, при што финансиската, административна и безбедносна самостојност на Собранието се ставија на прв план, затоа што тоа би придонело да се избегнат стапиците на условување и потчинетост на законодавната власт во однос на другите власти.

Џафери ги подржа позитивните ставови во однос на развојот на соработката и заедничкото дејствување во процесот на евроинтеграцијата и можностите за заедничкиот настап на трети пазари, како и поддршката на дијалогот меѓу Република Србија и Република Косово.

Тој го поздрави формирањето на заедничкиот Македонско – Српски совет на стопанските комори на двете држави и рече дека секоја можност која придонесува кон развојот на соработката на билатерално и регионално ниво, ќе биде поддржана.

Џафери ја истакна потребата од отварањето на граничниот премин Миратовци – Лојане за да се олесни комуникацијата за секојдневните потреби на тамошното локално население, бидејќи ние сме должни да работиме за доброто на нашите граѓани.



Спонзорирани линкови

Маркетинг