Прво обраќање на Јулија Скрипал: Опоравувањето беше бавно и болно...

Точка

24/05/2018

10:30

2.132

Големина на фонт

а а а

Јулија Скрипал, ќерката на поранешниот полковник на Главната разузнавачка управа на Русија (ГРУ), Сергеј Скрипал, се надева дека во една „долгорочна перспектива“ ќе се врати во Русија.

После хемискиот напад на Сергеј и Јулија Скрипал во британскиот град Солсбери, ќерката на поранешниот двоен агент за прв пат даде изјава за медиумите.

„Во една долгорочна перспектива, се надевам дека некогаш ќе се вратам дома, во својата земја“, изјави Јулија Скрипал, а ваквата изјава британските експерти ја протолкуваа како Јулија да сака да се врати, но не може од актуелниот режим во Москва.

Јулија сама дошла за да разговара со новинарите, се разбира со полициска придружба. Таа не сакала да биде пред камери, туку само дала писмена изјава. Сепак, на новинарите им било дозволено да направат неколку фотографии, па се гледа голема лузна на вратот на Јулија.


„Татко ми и јас сме многу среќни што го преживеавме овој обид за атентат. Нашето опоравување беше многу бавно и болно“, изјавила Јулија Скрипал во нејзината пишана изјава.

Јулија моментално се наоѓа на „безбедна локација“ во британската престолнина Лондон. Британските власти им понудиле на Сергеј и Јулија да добијат нови идентитети и да бидат префрлени во Соединетите Американски Држави, со цел да избегнат нови обиди за атентати кои што речиси сигурно ги организира Москва.

Јулија Скрипал ја напуштила болницата на почетокот на април, а нејзиниот татко кон средината на мај. Почитувајќи го правото на приватноста на пациентите, од болницата не дозволуваат детално да се опише процесот на нивното лекување.


Да потсетиме, 66-годишниот Сергеј и неговата 33-годишна ќерка Јулија Скрипал на 4-ти март биле примени во болницата во Солсбери, откако биле отруени со нервен агенс од забранет тип, познат по името „новичок“.

Со оглед на тоа што е Русин и поранешен двоен агент, британските медиуми за нападот прстот го вперија во Москва, ги обвинија за напад на територијата на Велика Британија со хемиско оружје, па целиот западен свет реагираше со бркање на руските дипломати.



Спонзорирани линкови

Маркетинг