Францускиот претседател Емануел Макрон, во четврток и петок ќе престојува во својата прва официјална посета на Русија, со надеж дека ќе пронајде заеднички јазик со рускиот претседател Владимир Путин, кога станува збор за чувствителните прашања како што се иранскиот нуклеарен договор и Сирија, и покрај разликите во позициите на двете земји.
Посетата веќе долго се очекува, а се случува една година по нивната средба во Версај, со која новиот француски претседател се позиционирал на меѓународната сцена.
Двајцата лидери ќе се состанат во четврток пред крајот на денот во величенствената Константинова палата, летната резиденција на Петар Велики, на 20-тина метри од Санкт Петербург. Тој голем дворец кој гледа на море бил домаќин на состанокот на врвот на групата Г20 во 2013. година. Со оглед на парите кои се вложени во раскошната обнова на резиденцијата, местото се нарекува и "Палатата на Путин".
Макрон во петок наутро, заедно со сопругата Брижит ќе им оддаде почит на жртвите на страшната опсада на Ленинград во текот на Втората светска војна, пред средбата со претставниците на цивилното друштво.
Попладнето ќе биде посветено на 22. Економски форум Санкт Петербург, чиј почесен гостин ќе биде Макрон заедно со јапонскиот премиер Шинзо Абе. Двајцата лидери ќе бидат во прв план заедно со Путин.
Кратката посета на Русија, која не опфаќа посета на Москва, ќе заврши во Маријанскиот театар.
Покрај билатералните односи, Макрон и Путин ќе разговараат за "актуелни народни прашања, меѓу кои се и иранскиот нуклеарен договор, решението за сириското прашање и украинската криза", објавил Кремљ.
Макрон има волја за "содржаен дијалог, за да се утврдат точките околу кои постојат согласувања", објавила Елисејската палата. "Го правиме тоа со отворени очи, свесни колку е тешко".
По повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран, двајцата лидери изразиле одлучност да го спасат. Но, не се согласуваат во поглед на стратегијата. Москва, која е блиска со Иран, бара да остане непроменет, додека Париз бара нов "проширен договор", кој ќе опфати контрола на иранските нуклеарни активности по 2025. година и неговата улога во Сирија и Јемен.
Макрон сака да ги смири Русија и Европа по неколкугодишните тензии поради анексијата на Крим, војната на истокот на Украина и неодамнешното труење на рускиот шпион Сергеј Скрипал во Велика Британија.
"Сакам да ја усидрам Русија до Европа, а не да ја пуштам да се затвори во себе", рекол тој неодамна.
Во текот на посетата ќе бидат потпишани билатерални договори на подрачјата на економијата, образованието, културата и спортот.
"Го почитувам. Го познавам. Свесен сум за се", рекол Макрон зборувајќи за "силниот и интелигентен" руски колега за "Fox News" на 22. април. "Мислам дека на Путин никогаш не смее да му покажеме слабост. Кога сте слаби, тој тоа ќе го искористи", додал тој.
Во Москва, откако Путин го започнал својот четврти мандат, политичката елита уште чека да види што точно ќе направи Макрон.
"Тој се обидува повторно да ја позиционира Франција како светска сила. Таа тоа веќе долго не е. Ако е сериозен, ќе има за што да разговара со Путин. Ако станува збор само за зборови, Путин тоа многу брзо ќе го сфати", рекол Фјодор Лукианов, претседател на рускиот совет за надворешна политика и одбрана.