Денеска пресуда за Груевски за случајот „Тенк“ – му се заканува затвор до 3 години

Макфакс

23/05/2018

09:50

4.083

Големина на фонт

а а а

Во кривичниот суд во Скопје попладнево судијката Добрила Кацарска ќе ја соопшти пресудата за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на екстралуксузниот „мерцедес“.

Tретообвинет во предметот е експремиерот Никола Груевски, кој, доколку биде осуден, може да добие најмалку 1, а најмногу 3 години затвор за кривичното дело „давање награда за противзаконито влијание“.

Ова ќе биде прва пресуда од предметите на СЈО од 5 активни обвиненија против поранешниот премиер. Нему му се суди и за предметите „Насилство“, „Титаник“, „Траекторија“ и ТНТ.

Покрај него, во предметот второобвинет е помошник-министерот во МВР, Ѓоко Поповски, кому му се заканува построга казна затвор од најмалку 5 години. Тој вчера беше осуден на ефективна казна затвор за предметот „Триста“ во времетраење од 9 години.

Во предметот „Тенк“ првообвинета е ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на која ѝ се заканува казна затвор од најмалку 5 години за поттикнување во извршување на кривичното дело. Нејзе ќе ѝ се суди во издвоена постапка поради ризичната бременост. Првото рочиште е закажано в понеделник, 28 мај. Судењето за „Тенк“ започна на 30 јануари годинава и траеше приближно 3,5 месеци.



Спонзорирани линкови

Маркетинг