ВМРО-ДПМНЕ: Заев е амнестиран по вторпат, пресудата за „Поткуп“ не нè изненади

Макфакс

21/05/2018

16:06

1.191

Големина на фонт

а а а

Зоран Заев од пред малку е по вторпат амнестиран политичар за очигледен криминал. Зоран Заев повторно избега од соочување со правдата и со одговорност за криминално однесување. Ослободителната судска пресуда за „Поткуп“ не изненади никого, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ откако беше соопштена пресудата за Заев.

„Јавностa е свесна како работи судството под политички притисок на власта. Беше сосема јасно дека судот нема да собере храброст да му изрече казна на главниот ‘реформатор’ во правосудството. Беше сосема јасно дека судот ќе подлегне на заканите од Зоран Заев дека би можел да си ги реализира најавите за генерален реизбор на судии, во кои тој како реформатор би носел одлука кој нема да биде реизбран. Бројни се заканите, но и наградите со кои власта ги мотивира или заплашува судиите да работат по нејзин терк“, рече Стоилковски.

Денешната одлука на судот, според него, е потценување на севкупната македонска јавност дека не го видела тоа што го виде на снимките на кои Зоран Заев бара поткуп. „Денешната одлука на судот е потценување на секој граѓанин кој го слушна сведочењето на оштетениот бизнисмен кој под заклетва тврдеше дека Зоран Заев во својство на градоначалник му барал поткуп за секој квадратен метар земјиште и тоа по едно евро за црквата, едно евро за партијата и едно евро за Вице“, рече Стоилковски.

Исто како за „Поткуп“, рече тој, веќе сите зборуваат за резултатот од предметот „Тенк“ и пресудата што треба да биде изречена, иако, како што рече, дури и сведоците на обвинителството сведочеа контра обвинението.



Спонзорирани линкови

Маркетинг