Република Илинденска Македонија е име со временска одредница, му реплицираат од Владата на Ципрас

Макфакс

20/05/2018

12:45

3.090

Големина на фонт

а а а

Република Илинденска Македонија е име со временска одредница кое се повикува на конкретни датуми од минатото и е реална можност за компромис кој ги задоволува двете страни, стои во соопштението на македонската Влада, објавено по информациите дека грчките политички лидери не го прифатиле најновиот предлог, односно по соопштението на грчката влада дека за надминување на спорот потребно е име со географскa или временска одредница.

Македонската влада изразува надеж и очекување дека предлогот ќе биде разбран и ќе најде поширока поддршка во Атина.

„Со ова име, правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации према ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба и во 1903 и во 1944 година. Република Македонија и граѓаните на Република Македонија немаат никакви територијални претензии и ги потврдуваат неменливоста на границите и почитувањето на наследството на грчкиот народ и Грција“, се наведува во владиното соопштене.

Се додава дека македонската влада ќе ги продолжи разговорите со Владата на Република Грција се до изнаоѓање дефинитивно решение на 25-годишниот спор.

„Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството меѓу двете земји и двата народи никогаш не било поголемо. Ќе ги вложиме сите напори да извлечеме максимум од овој позитивен историски момент за двете држави“, стои во соопштението.



Спонзорирани линкови

Маркетинг