Грчката опозиција против „Република Илинденска Македонија“

Макфакс

19/05/2018

15:50

2.449

Големина на фонт

а а а

Грчките опозициски партии се против предлогот „Република Илинденска Македонија“. Освен грчката водечка опозициона партија Неа демократија која се изјасни дека е против, предлогот го одбија и останатите опозициски партии.

Претседателката на Пасок и Движењето за промени Генимата рече дека предлогот значи „враќање на иредентизмот“. Шефот на „Река“ Ставрос Теодоракис изрази резервираност за предлогот и посочи дека ставот на партијата ќе го кажат кога ќе го видат целиот пакет за решение за спорот.

Генералниот секретар на Комунистичката партија на Грција, Димитрис Куцумбас вели дека тие се противат на вклучување на соседната земја во НАТО и во ЕУ без договор со кој ќе се гарантира уставна ревизија во соседната земја и ќе се елиминираат сите прашања од иредентизам и дека името мора да биде строго географска одредница, што не е загарантирано со новиот предлог “Република Македонија Илинден”.

Претседателот на Неа демократија Мицотакис изјави дека „името е поврзано со историска референца која е поврзана со создавање на „македонската нација-држава која го вклучува и Солун и се протега до Егејското Море “. Според Неа демократија „секое повикување на Илинден во името на соседната земја, не само што нема да стави крај на македонскиот иредентизам, туку го потврдува и го зајакнува. Затоа е дури и неприфатливо да се дебатира“ рече Мицотакис. Лидерот на грчката партија Унија на центристите Василис Левентис повтори дека тие се против употребата на терминот „Македонија“.

Од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас информираа дека тој имал телефонски брифинг со лидерите на грчките политички партии и ја повторил владината позиција за сложено име за севкупна употреба и уставна ревизија како предуслов за интеграција во меѓународните организации.



Спонзорирани линкови

Маркетинг