Мицкоски: Да се обединиме против злото, а тоа е Зоран Заев

Макфакс

19/05/2018

15:48

3.169

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите алатки кои што му стојат на располагање да се бори против оваа ненародна власт и оваа зло кое што надвиснало над нашата татковина, а кое што го предводи Зоран Заев и Социјалдемократскиот сојуз.

Но, за тоа ни е потребно обединување. Секогаш во историјата кога ВМРО-ДПМНЕ застанало цврсто во одбрана на државните и националните интереси, потребно било обединување под бајракот на слободата. Така ни е потребно и овој пат, порача Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на собирот во месноста Паленица во населба Драчево.

„Нас што ни е потребно обединување, подавање рака од човек на човек, добронамерник на добронамерник, патриот на патриот, брат на брат, сестра на сестра. Тоа ни е сега неопходно. Само сплотени, заедно, под бајракот на слободата, можеме да си ја браниме татковината. И нема да им успее да не разделат и покрај сите оние кинески ѕидови кои што ги градат помеѓу нас. Ова зло кое што му се случува на Република Македонија има име и презиме. Се вика Зоран Заев. Човек без визија, без политичка култура и човек без платформа. Единствен проект кој што го има е како да ја подвитка кичмата на сопствениот народ и на сопствената татковина. Нема тоа да му го дозволиме“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека секој час кога ќе ги погледне очите на неговите студенти гледа една желба, колку побрзо да дипломираат и да ја напуштат оваа прекрасна држава нашата татковина Република Македонија. „Ме боли и не знам што да им кажам. Ако зборувам од срце, срцето плаче. Се обидувам да бидам разумен и да им кажам стрпете се останете овдека, каменот тежи само дома. Дајте ни шанса, ќе дојдеме ќе ја вратиме вербата во вас, немојте да се обесхрабрувате. Имаме план имаме, имаме проекти, знаеме како, Македонија е моја и ваша и на сите вас овдека и мора да се бориме за истото. Среќавам многу луѓе кои што се под притисок, под закана, дека ќе ги загубат работните места ако се поздрават со мене, ако дојдат да испијат едно кафе со мене. Ви велам доста е. Доста е браќа и сестри, само вие можете да го победите стравот. Јас сум тука да ви помогнам. Мојата цел е јасна, мојата цел нема алтернатива. Ветуваа многу, а сега гледаме дека лажеа. Колку ли само е тешко да го гледаш човека во очи и да го лажеш. Како не им е срам? Нема 500 евра плата просек, нема поголеми плати за вработените во здравството нема 600 километри автопат, нема зголемени пензии, нема поконкурентно образование, нема реформирано судство, а помина една година. А така храбро викаа во кампањата знаеме во каква ситуација е Македонија имаме решение живот ќе донесеме. Донесоа чемер и јад, ништо друго“, рече првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека е време да му застанат на патот на целото ова омаловажување и понижување, да им застанат на патот на сите овие навреди. „Мораме да понудиме алтернатива, мораме да понудиме како тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ во моментот и дел од тие проекти кои што планираме да ги имплементираме, првиот ден откако ќе ја формираме новата влада. Тие ќе бидат презентирани на големиот народен собир кој што ќе се одржи на 2 јуни пред Владата. Изминатиот период многу луѓе ме среќаваа и ми велеа тивки сте ве нема, се сомневаа, имаше многу сомнежи. Но на сите им дадов еден одговор. Лесно е да влезеш во битка во која што крајот е неизвесен и лесно е да војуваш со туѓи синови. Јас сакам да ве поведам во битка во која што сите заедно ќе победиме, и таа битка нема да биде лесна и нема да биде кратка. Дојде денот кога таа битка ќе почне и ќе трае летово и ќе трае есенва, се до предвремените парламентарни избори“, рече Мицкоски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг