Ердоган го осуди крвопролевањето во Појасот Газа: Ги напаѓаат Палестинците и се служат со методи слични на нацистичките

Точка

19/05/2018

11:30

1.916

Големина на фонт

а а а

Ердоган одржа говор на отворањето на самитот на Организацијата за исламска соработка кој што беше свикан после најновите судири на израелската армија и палестинските демонстранти во Појасот Газа.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го спореди постапувањето на Израелците кон Палестинците во Појасот Газа со прогонот на Евреите од Нацистите во Втората светска војна.

„Нема разлика помеѓу ужасите кои што ги преживуваше еврејскиот народ во Европа пред 75 години и суровоста на која што се изложени нашите браќа во Газа“, изјави турскиот претседател на почетокот на панисламската средба во Истанбул.


Тој ги обвини челниците на народот „кој што поминал измачувања во концентрациските логори во Втората светска војна“ дека ги напаѓаат Палестинците „користејќи се со методи кои што се слични на нацистичките“.

Ердоган го свика самитот за да го осуди Израел за убиството на над 60 Палестинци во судирите со израелската армија во понеделникот, додека Палестинците протестираа поради преселувањето на американската амбасада во Ерусалим.

„Тоа што го прави Израел е разбојништво, насилство и државен тероризам“, изјави Ердоган кој што во понеделникот после крвопролевањата во Газа целата трагедија ја нарече „геноцид“.


Сепак, израелските власти на чело со премиерот Бенјамин Нетанјаху не му останаа должни на Ердоган. Нетанјаху порача дека не сака да слуша „проповедања за морал на човек кој што добро го разбира тероризмот“.

Покрај тоа, израелските власти му порачаа на Ердоган дека го поддржува движењето Хамас, но исто така и го обвинија поради масакрите на турската армија над курдското цивилно население во југоисточна Турција и северна Сирија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг