ВМРО-ДПМНЕ: Судиите се под притисок, сите однапред ги знаат пресудите за „Тенк“ и за „Поткуп“

Макфакс

18/05/2018

11:29

786

Големина на фонт

а а а

Правосудството во Република Македонија е на колена, а судиите се во грч и работат под политички притисок. Споредбата како се водат случаите „Поткуп“ и „Тенк“ е најдобар доказ дека не постои правда, туку само политички нарачан прогон, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, случајот „Поткуп“ каде што првообвинет е Зоран Заев, кого цела јавност го виде дека од позиција на градоначалник бара едно евро за себе и едно евро за црквата, чека правна разрешница цели пет години. Обвинението е поднесено уште во 2013 година. „Случајот „Тенк“ кој што се базира на незаконски стекнати прислушкувани разговори и претпоставка дека Никола Груевски влијаел врз Јанкулоска да го поттикне Поповски да набавел блиндирано возило, е започнат четири години подоцна. Рочиштата во случајот „Поткуп“ се одложуваа десетици пати и се развлекуваа со месеци и години, а за „Тенк“ се закажуваа експресно и траат дури и по 12 часа.

Во случајот „Поткуп“, сведокот го потврди кривичното дело и барањето поткуп. Кажа дека Заев му барал едно евро за Вице, едно евро за партијата и едно евро за црквата. Во случајот „Тенк“ беа повикани околу 40 лица. 15 сведоци на СЈО и уште 20-тина на одбраната. Сите, без исклучок, сведочеа контра обвинителниот акт. Посочија дека претходните блиндирани возила не можеле да ги задоволат безбедноснитр потреби“, се наведува во соопштението.

Според опозициската партија, во Македонија законите не важат подеднакво за сите, а судиите судат според желба а не според докази и факти. „Заеднички за двата спора е што завршуваат во исто време. Во неколку дена треба да биде изречена и пресудата за Зоран Заев и пресудата за случајот „Тенк“. Заеднички за двата предмети е што сите ги знаат однапред пресудите, а истите ги најави и самиот Заев. Медиумите веќе пишуваа и за наградата што треба да ја добие судијата Добрила Кацарска за одработената задача. Тоа е разликата меѓу судството кое работело во „режим” и ослободеното судство откако доjде живот. Криминалниот картел е недопирлив, а сите неистомисленици се потенцијални политички жртви. Оваа неправда мора да престане. Сите судски одлуки донесени врз притисок еден ден ќе бидат преиспитани, велат од ВМРО-ДПМНЕ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг