Усвоена декларацијата на самитот ЕУ-Западен Балкан

Макфакс

17/05/2018

16:13

1.316

Големина на фонт

а а а

Европската Унија во консултација со земјите од Западен Балкан ја усвои декларацијата од 17 точки на самитот на ЕУ-Западен Балкан.

Како што претходно соопшти „Макфакс“, во декларацијата не стојат имињата на земјите од регионот по настојувањата на Шпaнија, Косово да не добие третман на држава на претстојниот самит. Исто така, може да се забележи дека во текстот во декларацијата се користи терминот „нашите партнери од Западен Балкан“ наместо именување на државите.

Во согласност со документот, ЕУ и на овој самит ја потврди поддршката за европската перспектива на Западен Балкан и изрази одлучност да ја зајакне својата вклученост на сите нивоа за да ја поддржи политичката, економската и социјалната трансформација на регионот.

Понатаму, во една од точките во декларацијата се вели дека ЕУ се обврзува значително да ја поттикне поврзаноста во транспортната, енергетската, дигиталната и економската сфера, а се додава и дека ЕУ се согласува да промовира поволна пазарна и инвестициска средина во Западен Балкан за тој побргу да се придвижи кон дигиталната економија и кон одржливите општества што ги почитуваат одредбите за климата во согласност со парискиот договор.

„Енергетската безбедност ќе стане приоритетна како преку подобрена енергетска ефикасност, подобра прекугранична поврзаност, диверзификација на изворите и на рутите, така и преку балансирано мешање на енергијата интегрирајќи ја тука и обновливата енергија. Посебен акцент ќе биде ставен на создавањето на понатамошните можности за младите, истовремено грижејќи се тоа да придонесува за социоекономскиот развој на Западен Балкан“, се вели во декларацијата објавена на самитот во Софија.

Унијата вети соработка и кај безбедносните предизвици, меѓу кои ги посочи мигрантската криза и борбата против тероризмот и екстремизмот вклучувајќи ги финансирањето, радикализацијата и враќањето на странските терористички борци.

Меѓу заклучоците во декларацијата ЕУ се осврна и на борбата против корупцијата и организираниот криминал за која велат дека е суштинска за политичката и социоекономската трансформација на регионот, како и за регионалната стабилност и безбедност, кои се од најголем интерес за неговите граѓани.

Во врска со заедничката надворешна и безбедносна политика на земјите од Западен Балкан, ЕУ го поздрави придонесот и изрази очекување за прогресивно продлабочување на соработката во оваа сфера.



Спонзорирани линкови

Маркетинг