Новиот состав на Бундестагот ќе ги чини Германците 60 милиони евра повеќе

Макфакс

16/05/2018

13:51

410

Големина на фонт

а а а

Новиот состав на германскиот парламент, Бундестаг, со рекорден број на пратеници, годишно ќе ги чини даночните обврзници 60 милиони евра повеќе отколку порано, пишува „Билд“.

Според нацрт пресметките за тековната година, трошоците на Бундестагот ќе се зголемат за 9,8 отсто и годинава ќе изнесуваат 955,64 милиони евра. Најголемиот дел од буџетот се однесува на соработниците кои се ангажираат од страна на пратениците, за кои само во 2018 ќе бидат потрошени 240 милиони евра.

Во споредба со последниот состав на германскиот парламент, бројот на пратеници се зголеми од 631 на 709. Волфганг Шојбле, претседател на Бундестагот, предупреди за потребата од реформа на изборниот закон.

„Пратениците во Бундестагот мора да бидат свесни дека репутацијата на парламентот меѓу населението ќе се намали доколку нешто во оваа област не се промени“, изјави Шојбле за германскиот печат.

Инаку, бројот на пратениците е во пораст поради сложениот германски изборен систем и т.н. прекубројни мандати, кои се создаваат кога во една сојузна покраина ќе бидат директно избрани повеќе кандидати од една партија, отколу што на таа партија и припаѓаат според изборните листи.

Германските граѓани во своите гласачки ливчиња посебно бираат партија, а посебно кандидати.



Спонзорирани линкови

Маркетинг