Обвинетиот Агим Исмаиловиќ даде контрадикторни изјави за денот на убиството кај Смилковци

Макфакс

16/05/2018

13:12

5.035

Големина на фонт

а а а

Третообвинетиот Агим Исмаиловиќ во случајот „Монструм“ на распитот пред судот даде контрадикторни изјави за критичниот ден кога биле убиени момчињата на Смилсковското Езеро.

Исмаиловиќ пред судот рече дека на 12 април 2012 година бил на работа во интернет-кафуле. Подоцна рече дека можеби бил дома и извршувал верски обред.

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, му предочи исказ даден кај истражен судија во кој тој тврдел дека работел на поставување канализација во својот дом. Тој го потврди исказот што го дал пред истражен судија, па обвинителката Фетаи го праша неколкупати да се потсети што точно се случувало критичниот ден и кои од исказите што ги дал за своето алиби се точни.

Обвинетиот рече дека се познавал со другите обвинети. Фетаи инсистира на одговор дали и кога последен пат се слушнал со својот брат Африм, кој е во бегство и за кого е распишана меѓународна потерница. Тој рече дека последен пат со братот се слушнал преку „Вибер“ кога Врховниот суд ги укина пресудите на пониските судови. На прашање на судот каде живее сега брат му, Агим Исмаиловиќ рече дека не знае и посочи да прашаат во косовската полиција.

Тој тврдеше дека полициски инспектори и „алфи“ го малтретирале во полициската станица во Кисела Вода, на што обвинителката постави прашање дали тоа го пријавил во полиција и во болница. Обвинетиот одговори дека колку што се сеќава, во болница не пријавил, а неговиот адвокат Насер Рауфи поднел пријава за постапувањето на полициските службеници. Исмаиловиќ тврдеше дека дента на убиството не се видел со обвинетите Хаки и Фејзи Азири.

Судењето го следат роднини на убиените момчиња и продолжува со распит на обвинетите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг