ВМРО-ДПМНЕ најави антивладин протест во Скопје на 2 јуни

Макфакс

16/05/2018

09:31

1.886

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе организираат протестен собир на 2 јуни во 20 часот пред Владата на Македонија. Ова го најави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ,Христијан Мицкоски по синоќешната седница на Централниот комитет на партијата.

Според опозицијата, „митингот ќе се одржи една година по освојувањето на власта од СДСМ која ја урна економијата во земјата, власт која не ги исполнува ветувањата, нема реформи во образованието, во здравството, во социјалата, туку имаме само празни политички памфлети“.

„На 2 јуни ќе почне поразот на оваа власт со еден огромен народен протест. Тука ќеппочне битката за пораз на оваа ненародна влада која што ѝ се случува на нашата татковина“, изјави Мицкоски. Тој додаде дека и на оваа седница, била разгледана актуелната политичка и економска ситуација во земјата. Мицкоски најави дека денеска патува за Софија на Самит на Европската народна партија.

На прашањето за можна средба со премиерот Зоран Заев за текот на преговорите за името, Мицкоски вели дека за ова прашање потребна е лидерска средба, а не средба само со ВМРО-ДПМНЕ.

„За едно вака сериозно прашање логично е да се отвори фронт на консултација со што е можно поголем број на целни групи. Една таква целна група е и ВМРО-ДПМНЕ, политичката партија, но и сите политички партии што се парламентарни, бидејќи е логично е дека тие партии ќе одлучуваат понатаму за некаков евентуален, хипотетички договор помеѓу Република Македонија и нашиот јужен сосед. Цениме и сигурни сме дека лидерска средба во присуство на претседателот на државата ќе биде од огромно значење и можеше да биде и поддршка во целокупниот овој процес за надминување на проблемите околу нашето уставно име што го има нашиот јужен сосед, и ценам дека одбивањето е чин на голема неодговорност и непочит кон македонскиот народ“, вели Мицкоски и додава: „Како претседател на најголемата опозициска партија и најорганизираната политичка сила во земјава, ќе ја искористам оваа прилика да му одговорам на претседателот на Владата на неговата покана – го повикувам Заев да се соочиме на телевизија, да дискутираме за преговорите, но и за сите оние фаули што ги прави на полето на економијата, на немањето реформи, во образованието, во здравството, да дискутираме за сите оние погрешни политики“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг