Поранешниот телохранител на Осама бин Ладен, Сами А., со своето семејство веќе со години живее мирно во германски Бохум и прима социјална помош, откако германскиот суд одлучил дека не може да го протера во неговиот роден Тунис, пишуваат тамошните медиуми.
Партијата Алтернатива за Германија (AFD) во врска со овој случај поставила повеќе прашања до провинциската влада на Северна Рајна Вестфалија, од каде што објавиле дека Сами А. месечно добива над илјада евра државна помош. На тоа се додаваат и 150 евра по дете и други облици на помош.
Тунижанецот Сами А. од 1997 година живее во Германија и е познат како опасна личност која е под постојан надзор и мора секојдневно да се пријавува во полиција. Во 2012 година германскиот суд одлучил дека Сами А. не може да биде протеран во Тунис бидејќи таму му се заканувале со мачење и нечовечко постапување.
Сами А. во Германија пристигнал на студии, но од 1999 година неколку години минал во џихадистички кампови во Авганистан, каде што напредувал до позицијата телохранител на лидерот на Ал каеда.
Градските власти во Бохум на неколку наврати се обиделе да ја укинат дозволата за престој на Сами А., но секој пат одлуките морале да бидат повлечени поради судската пресуда во полза на државјанинот на Тунис, кој во меѓувреме добил и четири деца.