Ѕвездата на мега-популарната серија „Игра на тронови” Емилија Кларк, познатата мајка на змејови, ги покани сите љубители на крвавата борба за престолот да се пријават на наградната игра што може да им овозможи присуство на снимањето на серијата во Белфаст и дружење со актерите.
Наградна игра беше лансирана преку кампања на интернет платформата Omaze. Сè што треба да направат фановите е да донираат средства за поддршка на Фондацијата RCN (Кралскиот колеџ за медицински сестри), која се занимава со подобрување на здравјето и негата на пациентите, промоција на науката, образованието на медицинските сестри и слично.
Сите оние кои ќе ја поддржат фондацијата, односно, се вклучат во кампањата, се потенцијални добитници на наградата која вклучува посета на Белфаст и присуство на снимањето на последната сезона на „Игра на тронови”.
"Се здружив со Omaze за да дадам можност на еден среќен добитник и неговиот пријател, колега, сопруг, љубовник, куче, мајка, татко, сестра, брат, или било кој друг што сака да го земе со себе, да нè посетат на сетот. Придружете ми се и подобрете ја негата на пациентите", вели Кларк во промотивното видео.