Ципрас вети дека Грција нема веќе да се задолжува и прекумерно да троши

Макфакс

23/04/2018

19:22

1.102

Големина на фонт

а а а

Грција ќе излезе од кредитната програма без отворање превентивни кредитни линии, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас и најави дека Атина веќе нема прекумерно да троши како пред избивањето на должничката криза. Грција моментно е во третиот заемски режим од 2010 година, а оваа програма завршува на 20 август.

Атина се надева дека дотогаш ќе го реализира својот целосен пристап на пазарот и ќе добие слобода самостојно да ја спроведува економската политика по осум години минати под надзор на Европската Унија и Меѓународниот монетарен фонд.

Некои официјални претставници на ЕУ се загрижени дека грчките политичари можеби ќе бидат под притисок повторно да почнат да трошат повеќе.

„На повидок нема продолжување на кредитната програма, ниту привиден излез од програмата, нечист или валкан излез, наречете го како сакате“, рече Ципрас пред грчките пратеници.

„Ова е чиста завршница на програмата, чист излез“, рече тој и порача: „Но, тоа не значи дека повторно ќе се вратиме на деновите на несовесно трошење“.

Кредиторите од еврозоната за Грција подготвуваат понуда за олеснување на грчкиот долг, но тоа треба да се направи под услов Атина да не се откаже од реформите и да продолжи со спроведувањето мудра фискална политика, изјави минатата недела официјален претставник на ЕУ. Грција на состанокот на министрите за финансии на еврозоната оваа недела треба формално да поднесе нацрт-економска политика, која би ја спровела по истекот на рокот на кредитот. Ципрас се надева дека преговорите ќе завршат до крајот на јуни.



Спонзорирани линкови

Маркетинг