Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган остро ги критикуваше Соединетите Американски Држави и другите земји членки на НАТО Алијансата поради нивната поддршка на курдските борци во Сирија.
Ердоган упати остри критики и порача дека официјална Анкара курдските борци ги смета за закана по безбедноста на Турција.
„Не можеме да купуваме оружје од САД со наши пари, но за жал, САД и коалициските сили им го даваат тоа оружје на терористичките организации и тоа бесплатно“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и додаде дека заканата доаѓа и од стратешките партнери на Турција.
Како што тврди Ердоган, Соединетите Американски Држави испратиле 5 илјади камиони полни со оружје во северна Сирија, оружје наменето за курдските сили.
Турција во јануари започна воена офанзива во Сирија со цел да бидат истерани курдските "терористи" од Африн. Турската агресија на Сирија ги затегна односите помеѓу Вашингтон и Анкара, првенствено поради тоа што Американците ги поддржуваат Курдите кои што со години наназад беа единствениот противник кој што им се спротистави на џихадистите на Исламската држава на северот од Сирија.
Покрај тоа, односите помеѓу САД и Турција се влошија откако Анкара одлучи да го купи од Русија против-ракетниот систем С-400, а токму поради таквата одлука, САД најавија и санкции против Турција.
Помошникот на американскиот државен секретар, Вес Мичел, неодамна ги најави санкциите и нагласи дека во американски интерес е Турција да остане стратешки и политички сојузник на Западот.