Еколошките здруженија до Заев: Владата на дело да ја покаже заложбата за заштита на Охридскиот Регион

Макфакс

20/04/2018

13:42

636

Големина на фонт

а а а

Владата во извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од УНЕСКО целосно ја игнорира препораката за мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации во Охридскиот Регион, реагираат еколошките здруженија.

Оттаму потсетуваат дека препораката за прогласување мораториум била во групата итни мерки препорачани од Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО и Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, кои Владата требаше да ги спроведе до 1 февруари годинава.

„Владата не само што не ја исполни оваа препорака, туку на својата 53. седница одржана на 6 фавруари годинава усвои информации што се однесуваат на активности во Охридскиот Регион, а кои предвидуваат крајбрежни трансформации на Охридското Езеро“, реагираат од еколошкото здружение „Фронт 21/42“, граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“.

Овие здруженија денеска од премиерот Заев побараа итно воведување мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации во Охридскиот Регион. Во дописот здруженијата укажуваат и на активности на терен, кои веќе значат непочитување на препораката од УНЕСКО како продолжување на изградбата на спорниот хотел во Лагадин, тампонирање, уништување на трската и поставување бетонска основа во строго заштитениот крајбрежен појас.

„Бараме од Владата во најбрз можен рок, не подоцна од 30 дена, да прогласи мораториум за сите крајбрежни и урбани трансформации на територијата на светското природно и културно наследство – Охридскиот Регион. Очекуваме Владата да ги напушти одамна застарените концепти за развој, кои јасно покажаа дека завршуваат со деструкција токму на вредностите што се основа за одржлив економски развој, односно недвосмислена определба за заштита на нашето најголемо национално природно богатство, во согласност со современите економски и еколошки стандарди“, стои во дописот.

Здруженијата потсетуваат и на скорешниот извештај за напредокот на Македонија од Европската комисија, во кој се бара централната власт да ги почитува обврските за заштита на природата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг