Анѓушев: Државна поддршка за текстилната и кожарската индустрија

Макфакс

19/04/2018

19:29

1.801

Големина на фонт

а а а

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска се обрати на седницата на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, за време на второто читање на предлог-законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Коментирајќи го амандманот на предлог-законот поднесен од пратеничката Лидија Тасевска, а на барање на текстилната и кожарската индустрија, вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека со овој амандман се овозможува компаниите од овие индустрии да аплицират за државна поддршка во согласност со Законот и притоа да го исполнат основниот услов за зголемување на годишниот приход, но не и за задржување на истиот број или зголемување на бројот на вработени.

„Моментално производството во текстилната и кожарската индустрија во најголем дел е лон-производство и потребно е да се направат нови инвестиции за да се осовремени производството и да се набават нови машини. Перспективно, на долг рок, доколку се продолжи со ваков тип производство, овие индустрии ќе ја изгубат борбата на светскиот пазар, секогаш ќе се најде место каде што може да се произведува поевтино. Сакаме овие индустрии, кои се најранливи, да инвестираат во технолошки развој за да бидат поконкурентни на пазарот, а вработените да имаат повисоки примања, да не ја претставуваме Република Македонија како земја на евтина работна сила“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот дополни дека со Законот за финансиска поддршка на инвестициите се создава транспарентен, праведен систем на државна помош преку кој сите компании кои прикажуваат успех во работењето добиваат ист третман, а се оневозможува правото на дискреција на  кое било лице од извршната власт.

Тој ја повика опозицијата за конструктивно дејствување при носење на Законот, кој е усогласен со целата академска и бизнис-заедница, со цел побрзо донесување и овозможување на компаниите да ги користат придобивките од мерките предвидени со Законот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг