Џафери на средба со Кахраман: Македонија очекува засилена поддршка од Турција за членство во НАТО

Макфакс

19/04/2018

16:42

2.754

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ја почна официјалната посета на Република Турција со посета на Мавзолејот на Ататурк, каде штто положи венец и се потпиша во Златната книга.

Во продолжение, Џафери оствари средба со домаќинот, Исмаил Кахраман, претседател на Големото национално собрание на Турција, по што беше одржана билатерална средба на ниво на парламентарни делегации и со истата претседаваа претседателите на двата парламента.

Како што информираат од одделението за односи со јавност на Собранието, Џафери на почетокот од средбата изразил задоволство од реализирањето на официјалната посета, како и од интензитетот на политичката соработка меѓу Република Македонија и Република Турција, односно бројните средби на највисоко ниво. Истовремено, тој се заблагодарил за доследната и конструктивна поддршка на Турција и за солидарноста со Македонија во рамките на евро-атлантските интеграции, особено за силната поддршка за членството на Република Македонија во НАТО. Претседателот на Собранието нагласил дека очекува уште позасилена поддршка од Турција за добивање на заслужената покана за членство во НАТО на претстојниот Самит на Алијансата во јули годинава во Брисел.

Претседателот на турското собрание, Исмаил Кахраман, изразил надеж за понатамошно продлабочување на одличните односи и соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Големото национално собрание на Турција. Тој се заблагодарил на конструктивната улога на македонскиот парламент во рамките на Парламентарното собрание на процесот за соработка во Југоисточна Европа, односно предлогот за компромисно решение, со цел за надминување на долгогодишниот застој за изнаоѓање решение за седиште на Секретаријатот на ова парламетарно собрание. Истовремено, Кахраман дал поддршка на реформските процеси и добрососедските политики што ги води Република Македонија.

На средбата се размениле мислења за билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Турција, при што било оценето дека севкупните односи меѓу двете земји се карактеризираат со дух на традиционално пријателство, меѓусебно разбирање, толеранција, активна соработка и партнерство.

Соговорниците истакнале дека интензивните и добри политички односи отвораат простор за уште поинтензивна економска соработка. Констатирале дека потребно е проблабочување и на успешната соработка меѓу двете земји во полето на одбраната, внатрешните работи, културата, правдата, земјоделството, шумарството и водостопанството, локалната самоуправа, здравството, спортот, животната средина, трудот и социјалната политика и сл.

Инаку, Џафери во посетата на Турција е во придружба на пратениците: Весел Мемеди, потпретседател на Собранието, Енес Ибрахим, претседател на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Турција и Јусуф Хасани, член на Пратеничката група за соработка.



Спонзорирани линкови

Маркетинг