Протекле детали од тајниот состанок: Што директорот на ЦИА го прашал Ким?

Точка

19/04/2018

19:26

5.772

Големина на фонт

а а а

Директорот на ЦИА, Мајк Помпео, го споменал прашањето со тешката ситуација во која се наоѓаат тројцата државјани на САД заробени во Северна Кореја, во текот на состанокот кој го имал со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.

Тоа за "AP" го изјавил висок службеник на Белата куќа, кој поради чувствителноста на разговорите кои ги имале Помпео и Ким, инсистирал на анонимност. 

Агенцијата потсетува дека американскиот претседател Доналд Трамп, на заедничката конференција со премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, рекол дека САД и Северна Кореја преговараат за ослободување на тројцата Американци кои ги држи Пјонгјанг. "Работиме најдобро што можеме", рекол Трамп.

Неименуван службеник рекол дека Трамп се надева дека тие наскоро ќе бидат ослободени и дека смета дека "постои добра шанса тоа да се изведе" во период на потенцијалните разговори кои треба да ги има со Ким.

Според овој службеник, Трамп исто така ветил дека ќе го натера Ким да ги ослободи и киднапираните Јапонци од Северна Кореја.

Трамп вчера потврдил дека досегашниот директор на ЦИА, Помпео, кого шефот на Белата куќа го номинирал за нов шеф на американската дипломатија, минатата седмица се состанал со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.

"Мајк Помпео минатата седмица се состана со Ким Јонг Ун. Состанокот минал многу убаво и формиран е добар однос. Сега се работи на деталите за средбата Трамп-Ким. Денуклеаризацијата ќе биде одлична работа за светот, но и за Северна Кореја", навел американскиот претседател на Твитер.

"Reuters" претходно, повикувајќи се на неименуван американски службеник, објавил дека кандидатот за државен секретар на СДА и досегашен директор на ЦИА, Помпео, тајно ја посетил Северна Кореја за време на велигденските празници и се сретнал со Ким Јонг Ун, за да разговараат за планираниот самит меѓу Ким и американскиот претседател Доналд Трамп.

Со таа посета, Помпео станал прв од најголемите американски службеници кој се сретнал со Ким и со тоа дал силен знак дека Трамп сака да разговара со севернокорејскиот лидер.

Средбата меѓу Помпео и Ким ја организирале шефовите на јужнокорејските и севернокорејските разузнавачки агенции, Су Хум и Ким Јонг Чол, а со цел да се види дали Ким има сериозна намера да преговара.

Според наводите на неименуваниот извор, Помпео, еден од најблиските советници на Трамп, рекол дека по средбата не била избрана локација од листата на опции, како и дека досега не се направени никакви логистички аранжмани.




Спонзорирани линкови

Маркетинг