НАСА и SpaceX го лансираа телескопот TESS

Точка

19/04/2018

19:28

4.612

Големина на фонт

а а а

Американската вселенска агенција НАСА синоќа го лансира својот телескоп од 337 милиони долари наменет за барање планети слични на Земјата, на кои би можело да постои живот.

Сателитот наречен TESS беше лансиран во вселената во еден часот по полноќ, со ракетата Falcon 9 на американската компанија SpaceX од Кејп Канаверал во Флорида.


Телескопот ќе го пребарува универзумот, најмалку во наредните две години, почнувајќи прво од најблиските и најсјајните ѕвезди во обид да пронајде и идентификува планети околу нив.


Ќе бидат разгледани илјадници ѕвезди, а се очекува да се најдат илјада егзопланети, планети надвор од нашиот Сончев систем, но во наша близина. Се очекува да се најдат различни планети, карпести и ледените планети, гасовити гиганти, а можеби и водени светови, планети кои се по големина помеѓу онаа на Земјата и Нептун, па дури и планети близнаци на Земјата.


"Небото ќе стане поубаво, ќе биде фантастично кога ќе знаеме дека има планети кои кружат околу ѕвезди кои блескаат на ноќното небо", рече главниот директор за наука во НАСА, Томас Зурбен.


Тој рече дека откритијата на телескопот TESS и другите мисии ќе го донесат човештвото поблиску до одговорот на прашањето кое се поставува илјадници години, дали постои живот надвор од Земјата, и ако постои, дали е во форма на микроби или е понапреден.


Сателитот на НАСА, TESS, нема да бара живот, не е дизајниран за тоа. Тој ќе ги бара сите видови планети на кои би можело да има живот, посебно ќе се фокусира на планети кои орбитираат околу некоја ѕвезда каде што температурите не се ниту премногу ладни, ниту премногу топли, туку таман за постоење вода која дава живот.

Оние планети кои изгледаат дека најмногу ветуваат ќе бидат поблиску разгледани од друга мисија.


TESS е наследник на вселенскиот телескоп Кеплер, кој сега е на крајот на својата мисија, по откривањето на неколку илјади екстрасоларни планети во последниве девет години.

Boldly Go TESS!



Спонзорирани линкови

Маркетинг