ЕЛЕМ: Децата на Грчев и Џафери ангажирани оти имале исклучителни биографии

Макфакс

19/04/2018

15:22

5.279

Големина на фонт

а а а

По вработувањето на Димитар Грчев, син на архитектот Мирослав Грчев, и Бесијана Џафери, ќерка на собранискиот спикер Талат Џафери, од ЕЛЕМ за „Макфакс“ велат дека ги вработиле поради исклучителните биографии во поглед на нивното образование, но и делумното работно искуство што го поседуваат.

„Поради тие причини, дадена им е можност да се вклучат во работниот процес во институциите на Македонија, но со оглед на тоа што станува збор за млади лица, со нив е склучен договор за привремено вработување. Во следниот период тие ќе бидат подложени на оценка за нивната работа и од покажаните резултати ќе зависи дали нивниот ангажман ќе биде продолжен или договорите ќе бидат раскинати“, велат од ЕЛЕМ за „Макфакс“.

ЕЛЕМ го вработи и Љубисав Несторовски, сопруг на државната секретарка на МВР, Магдалена Несторовска. На огласот биле пријавени седум кандидати, од кои тројца ги исполнувале условите. Но, од сите нив, ЕЛЕМ го вработи Несторовски како инженер за животна средина. Огласот е објавен во февруари, а Несторовски е вработен во март. Платата, според огласот, изнесува 38.000 денари.

Еден месец по вработувањето на Несторовски, на иста работна позиција, но со договор за привремено вработување, ЕЛЕМ го вработила и Димитар Грчев, чиј татко е Мирослав Грчев, кој е вработен во Министерството за култура. За него немало објавено оглас, а според ЕЛЕМ немало законска потреба. Мирослав Грчев вели нема непотизам при вработувањето на син му, иако тој е дел од Министерството за култура, па смета дека вработувањето на син му е приватна работа. Димитар Грчев на социјалните мрежи напиша статус дека во ЕЛЕМ прима помала плата, а во претходната компанија го плаќале повеќе.

„Не е непотизам вработувањето на мојот син во компанијата ЕЛЕМ бидејќи јас не сум вработен како советник, туку имам задача во работна група при Министерството за култура. Не коментирам ништо што е во врска со моето семејство. И ние сме граѓани на оваа држава, имаме право на приватност“, вели Мирослав Грчев, кој одби да коментира.

На 5 април, заедно со Грчев, договор за привремено вработување потпишала и Бесијана Џафери, ќерка на претседателот на Собранието, Талат Џафери, потврдуваат од ЕЛЕМ за „Макфакс“. Собранискиот спикер остана недостапен за коментар во врска со вработувањето на ќерка си, која во ЕЛЕМ работи како референт за правни работи. Децата на Грчев и Џафери имаат договор на 8 месеци, кој може да биде продолжен или заменет за договор на неопределено, што значи трајно вработување.

Новите вработувања во ЕЛЕМ доаѓаат по престанокот на повеќе авторски договори, кои завршиле во март, а не биле продолжени. Со тоа на повеќе вработени им завршија работниот однос во компанијата.

„Кога истече договорот за соработка со Авторската агенција, ЕЛЕМ на јавен оглас побара агенција за привремени вработувања со цел идните работни ангажмани што не се на неопределено време да не бидат хонорарни, туку да бидат со договори за привремени вработувања. Со некои од хонорарно ангажираните работници со претходната авторска агенција, а на кои им истекоа договорите, ЕЛЕМ потпиша нови договори. На дел од хонорарно ангажираните чии договори им истекоа, не им беа понудени договори за привремени вработувања од причина што работната организација реално немала потреба за нивно ангажирање.

Додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, тогашната опозициската партија СДСМ гласно реагираше. Откако дојде на власт, СДСМ отпушти кадри, а на нивно место вработи деца на високи партиски и државни функционери.



Спонзорирани линкови

Маркетинг