Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство доби нови 18 возила и нова ИТ опрема, набавени преку ИПА фондовите. Вкупната вредност на набавката е 1,4 милиони евра, од кои 75 отсто се пари од ИПА, а остатокот се од национално кофинансирање.
Од 18-те возила, 14 се наменети за потребите на Платежната агенција, за контрола на терен, додека другите 4 возила се наменети за потребите на МЗШВ. Министерот Љупчо Николовски посочи дека модернизацијата на возниот парк на Платежната агенција е важна, за подобра мобилност на вработените и директна комуникација со земјоделците на терен.
Во делот на ИТ опремата која што е за потребите на МЗШВ, министерот потенцираше дека се работи за пионерски потфат, а МЗШВ е прва институција која што воведува ваков најнов ИТ виртуелен систем, со кој ќе се овозможи подобрување на сигурноста во работењето и ќе се создадат многу подобри услови за соработка на администрацијата како и поедноставување на системот за управување со документација.