Тунтев: Препораката е дополнителен мотив да продолжиме со реформите

Макфакс

19/04/2018

13:32

1.655

Големина на фонт

а а а

Пораките кои денес ги добивме од високата претставничка за надворешна и безбедноста политика на Европската унија, Федерика Могерини, и вчера од еврокомесарот Јоханес Хан како и исклучително позитивниот Извештај за напредокот на Република Македонија се јасен сигнал дека нашата државата се движи во вистинскиот правец. Ова го изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

„Охрабрувањето што го добиваме од високите европски претставници и кристално чистата и безусловна препорака за полноправно членство на Република Македонија во Европската унија се признание што го добивме за сите наши досегашни напори, но и дополнителен мотив за нас да го продолжиме патот на реформите. Позитивните оценки во Извештајот на Европската комисија се значаен успех за Македонија, која што по долги години на политичка криза и бесперспективност, изолираност, се врати на вистинскиот, на европскиот пат“, рече Тунтев и додаде дека престои уште многу работа.

Тунтев повтори дека следна задача и цел е одлука за почеток на преговорите со Европската Унија во јуни, што парламентарното мнозинство заедно со Владата ќе гледаат интензивно да ги реализираат и да ги сработат поставените задачи.

Координарот најави дека во насока на зајакнување на улогата на Собранието, на иницијатива на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, а во соработка со Националниот демократски институт ќе обезбедат уште поголема комуникација помеѓу пратениците и Владата.

„Почнувајќи од наредната седница за пратенички прашања што е планирано да се одржи на 26 април, во четврток, премиерот и министрите од Владата, за време на паузата ќе бидат достапни за сите пратеници, вклучително и пратениците од опозицијата за во една неформална, директна комуникација, пратениците да имаат можност од прва рака да се информираат за прашања кои се од нивен интерес, секако за прашања и проблеми од средините од кој што доаѓаат, но и за да алармираат за одредени проблеми. За да се реализира оваа идеја неопходно беше враќањето на нашите колеги од опозицијата, на овој начин сакаме да овозможиме поголема инклузивност, но и да го унапредиме политичкиот дијалог во нашата држава“, најави Тунтев.

Дополнително, како што рече, премиерот Зоран Заев ќе присуствува и на седницата на Националниот совет за евроинтеграции, на Комисијата за европски прашања и на Мешовитиот парламентарен комитет, што треба да се одржи наредната недела, каде што директно ќе ги информира пратениците за Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, но и за процесите и очекувањата што следуваат.



Спонзорирани линкови

Маркетинг