По крајот на оваа сезона екипата на Вардар ќе остане без голем дел од сегашните ѕвезди кои веќе си пронајдоа нов ангажман со тоа што дел од таа група е и голманот Арпад Штербик кој се враќа во Веспрем.
Нормално ова значеше дека „црвено-црните“ треба да реагираат, па според специјализираниот сајт за ракомет „Балкан Хендбол“ веќе го обезбедиле наследникот на Штербик-тоа е 22 годишниот Дејан Милосављев.
Станува збор за чувар на мрежата на Партизан кој е висок 196 сантиметри, а во таборот на нашиот шампион ќе пристигне ова лето каде ќе може да соработува со неговиот сонародник Дејан Периќ кој е тренер на голманите. Милосављев пред Партизан беше дел од Југовиќ, тим за кој во минатото бранел и Штербик.
Ако овие најави се остварат тогаш вардарци на голот ќе имаат српска комбинација, бидејќи од клубот и понатаму ќе биде дел Страхиња Милиќ.