Мицкоски појадуваше со Могерини – „Постои сомнеж дека власта е вмешана во криминал“

Макфакс

19/04/2018

12:43

1.171

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари работен појадок со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, соопшти партискиот Центар за комуникации.

Двајцата соговорници во рамките на средбата зборувале за европските интеграции на државата, најновиот извештај на Европската комисија и нотираните недостатоци.

„Претседателот Мицкоски истакна дека Европската Унија ѝ е потребна на Република Македонија како начин за подигнување на стандардот на граѓаните, повисок квалитет на живеење и споделување на заедничките вредности. На тој план ВМРО-ДПМНЕ даде свој придонес давајќи суштински забелешки, кои беа внесени во реформските закони што беа донесени, со што партијата се вoдеше од државните интереси и интересите на граѓаните што за ВМРО-ДПМНЕ се на прво место. Мицкоски изрази загриженост за економската стагнација во државата, корупцијата, која е широкораспространета, и случаите што отвораат сериозен сомнеж за криминал во кој се вмешани највисоки преставници на власта“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски пред Могерини посочил и дека политичкиот терор е широко застапен и тој се одвива на повеќе нивоа како начин на пресметка на власта со неистомислениците. Тој се пожалил и на притисоци врз медиумите и недостиг на демократски амбиент, што е сериозен предизвик, а кои државата ја уназадуваат во повеќе сфери.

Мицкоски во рамките на средбата заклучил дека Македонија мора да го продолжи патот кон Европската Унија сè до нејзино целосно интегрирање, а за тоа е клучна и поддршката од пријателите од Европската Унија, кои мора одблиску да ги мониторираат процесите и волјата на Владата да работи на надминување на нотираните забелешки во извештајот на Европската комисија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг