Поранешниот шеф на ФБИ, Џејмс Коми продолжува со нападите насочени кон американскиот претседател Доналд Трамп.
Поранешниот шеф на Федералното истражно биро, Џејмс Коми деновиве ја промовира својата книга "A Higher Loyalty: Truth, Lies, and Leadership" во која што отворено го критикува американскиот претседател Доналд Трамп кој минатата година му врачи отказ.
Џејмс Коми во серија на интервјуа за американските медиуми жестоко го нападна Доналд Трамп, порача дека е „голем лажго“ и дека „морално не е способен да ја води земјата“. Тој во неговото последно интервју порача дека Доналд Трамо „се однесува како да е мафијашки бос“.
„Трамп е опкружен од луѓе кои што наликуваат на мафијата Коза Ностра“, изјави Џејмс Коми кој што тврди дека и самиот Доналд Трамп владее во таков стил.
„Не мислам дека тој оди наоколу и им ги крши нозете на луѓето, но тој владее на таков начин, се мора да се врти околу шефот“, изјави поранешниот директор на американски ФБИ.
Да потсетиме, голема афера изби минатата година кога Доналд Трамп го отпушти Џејмс Коми. Според многумина, американскиот претседател му врачил отказ на Коми затоа што тој ја одбил неговата наредба да ја сопре истрагата на ФБИ околу поврзаноста на Русија со претседателските избори во САД во 2016-та година и победата на самиот Трамп на тие избори.
Трамп сите овие обвинувања ги отфрла, а во текот на вчерашниот ден тој се огласи преку социјалната мрежа Твитер и го нападна Џејмс Коми.
„Тој е најлошот директор во историјата на ФБИ и не беше отпуштен поради лажата руска истрага“, порача Доналд Трамп вчера, додека пак Џејмс Коми неодамна во интервју за "ABC News" порача дека американскиот претседател Доналд Трамп е опасен, морално неспособен челник кој што прави огромни штети на институционалните и културните норми.