Интензивирање на регионалната соработка за подобра дигитална иднина на Западен Балкан

Точка

18/04/2018

13:47

4.024

Големина на фонт

а а а

Со церемонијата на свеченото отворање денеска отпочна со работа дводневниот регионален настан „Дигитален Самит на Западен Балкан“.

На свеченото отворање за значењето на самитот и за придобивките од неговата агенда за земјите од регионот говореа Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, државниот секретар во Министерството за економија и енергија на Сојузна Република Германија Томас Барејс, и министерот на информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. 


Пред присутните бројни претставници на владите на земјите од регионот, на претставниците на ЕУ, на членовите на делегациите и тимовите на земјите спонзори на Берлинскиот процес, како и на стотици други претставници на организации и компании од информатичката технологија, Претседателот на Владата на Република Македонија во своето обраќање на отворањето на „Дигиталниот самит на Западен Балкан“ кој е фокусиран на дигиталната трансформација на регионот, истакна дека целите на кои се насочува самитот како што се конкурентност, економскиот раст и работните места, како и поврзувањето на регионот се многу блиски до сратешките политики на План за економски раст на Владата на РМ.


„Тие се во согласност и со долгорочната визија на Владата на Република Македонија за создавање најдобри услови за конкурентна и одржлива економија, по примерот на економијата на ЕУ. Нашите економии и општества во моментот се подложени на огромни промени. Многу од овие промени се поттикнати од реформите, но и од новите технологии и од иновативните начини на економски развој, меѓу кои еден од пресудните критериуми и услови е – комуникацијата и поврзувањето. Дигиталната револуција ги отстрани географските бариери. Далечините меѓу различни точки во светот со ист интерес, веќе немаат никакво значење“ нагласи премиерот Заев во својот говор.


Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев посочи дека една од целите на дигиталната трансформација е и подигањето на стандардите и поврзувањето на земјите од Западен Балкан меѓу себе и со земјите на ЕУ, и дека

„Регионалната соработка има клучно значење во поврзувањето на државите, граѓаните и економиите на Западен Балкан. Таа регионалната соработка доби своја опиплива суштина преку Берлинскиот процес, а особено по усвојувањето на Повеќегодишниот акциски план за Регионалната економска област минатата година во Трст“ потенцираше премиерот Заев.


Еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, во своето обраќање на отворањето на самитот рече дека организацијата на овој самит е заначаен чекор за поврзувањето на регионот на заедничката дигитална платформа која ќе отвори многу можности за граѓаните, за компаниите и за владите во регионот.

„Европската Унија со Стратегијата за проширување со земјите од Западен Балкан изрази силна волја да му се посвети целосно на овој регион и на граѓаните на сите земји. Во таа насока се и целите на дигиталната трансформација кој е во основата на иницијативите што се планираат да произлезат од овој самит. Во нивниот центар се граѓаните од регионот и мотивацијата да добијат подобри сервиси за економски напредок со помош на дигиталната технологија“, нагласи врокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, во своето обраќање на отворањето на самитот, и најави дека една од тие придобивки, намалување на цените на роамингот, која треба да произлезе од резултатите од работата на претстојниот Самит за Западен Балкан на Европската Унија кој ќе се одржи во мај во Софија, Република Бугарија.


Државниот секретар во Министерството за економија и енергија на Сојузна Република Германија Томас Барејс го нагласи досегашниот прогрес на земјите од Западен Балкан во рамките на иницијативата „Берлински процес“, и потенцираше дека СР Германија и ЕУ остануваат фокусирани на регионот.

„Потенцијалите што се отвораат и што стануваат реални со оваа прва иницијатива за дигитална трансформација на регионот Западен Балкан, отвораат огормни можности и најавуваат клучна улога во пврзувањето на регионот и за подигањето на стандардите до оние на ЕУ“, истакна Томас Барејс на отворањето на самитот.


Во своето обраќање на отворањето на првиот „Дигитален Самит на Западен Балкан“ министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека дигиталната трансформација не е лесна, претставува комплексен и скап потфат, и дека се потребни инвестиции во инфраструктурата и во човечките ресурси.

„Позитивно е што се менува свеста и што постои политичка волја. Конечно, сите Балкански земји сме заедно, во заеднички напори да направиме нешто повеќе за нашите граѓани. Покрај сите политички прашања, покрај сите историски предизвици, се собравме тука денес, како што ќе се собереме за еден месец повторно во Софија, а потоа во Лондон, за да кажеме дека Земјите од Западен Балкан се обединети во дигиталната трансформација. Дека имаме волја, посветеност и соработка, заедно да ја прифатиме промената. Дека ова е историска можност Западниот Балкан да стане пример. Добар пример. Не на начинот на кој бевме познати во минатото. Ние веќе и работиме заедно. Со помошта на Еврпската Унија, билателарно со земјите од Берлинскиот процес, организации како РЦЦ, Светска Банка, нашите пријатели од САД. Со нетрпение очекувам да продолжиме заедно и да направиме една позитивната, продуктивна, просперитетна иднина за Западен Балкан и за цела Европа“, нагласи министерот Манчевски.


Веднаш по свечената церемонија на отворањето на првиот „Дигитален Самит за Западен Балкан“, се одржа и премирскиот панел на кој учествуваа Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, Претседавачот на Министерскиот Совет на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, премиерот на Косово Рамуш Харадинај, Заменик претседателката во Владата на Република Албанија Сенида Меси и министерката за економија во Владата на Црна Гора Драгица Секулиќ.

На оваа работна сесија, која ја модерираше Генералниот секретар на Советот за регионална соработка на Западен Балкан Горан Свилановиќ.

Учесниците на панелот ги анализираа точките и условите во кои сега се наоѓа дигиталната агенда во земјите на Западен Балкан, и нагласија дека она што е карактеристика на соработката досега, како што политичката волја и фокусираноста на иднината на регионот, е основата и пристапот и во дигиталната трансформација на регионот. 

Најважните области кон кои се насочени владите од земјите од регионот се поголем број на дигитални сервиси за граѓаните во сите области како што е администрацијата на матични документи, дозволите во земјоделството и економијата, дигиталните обрасци за финансиските срвиси за граѓаните, е-здравството, и особено дигиталните услуги за странските инвеститори.


Посебно внимание на панелот беше посветен и на рагионалните иницијативи како што е дигитализацијата на царинските услуги, како и телекомуникациските сервиси за граѓаните. 

Претпладевната сесија на пленарниот дел на „Дигиталниот самит на Западен Балкан“ продолжи со презентацијата на студијата „Влијанието на дигитализацијата на просперитетот на Западен Балкан“ што ја презентираа дел од авторите д-р Флоријан Бибер од Центарот за јужноевропски стидии во Грац, Австрија и д-р Марушка Визек, од Економскиот институт во Загреб.

Презентираната студија „Влијанието на дигитализацијата на просперитетот на Западен Балкан“ е значајна бидејќи дава одговор на прашањето каде е во овој моментрегионот и, во исто време претставува патоказ, односно што треба да се одработи во блиската иднина.

Истовремено студијата, врз основа на искуствата на ЕУ, како и врз основа на искуствата на одделни земји членки на унијата, насочува и каде да се бараат одговорите за пристап до поддршката за дигиталната трансформација која стои како потенцијал од фондовите на ЕУ.    

Претседателот Заев ја оцени студијата како исклучително корисен ресурс кој ја утврдува состојбата, но многу поважно ги посочува насоките од каде можат да се црпат значајни сугестии како на најдобар начин да се оствари дигиталната трансформација на секоја земја во регионот, како и регионот во целина.

Во наредните два дена за време на „Дигиталниот самит на Западен Балкан“ ќе бидат одржани бројни дебати, трибини и работилници за дигиталната трансформација, дигиталната економија и поврзување, за дигиталната безбедност и дигиталните вештини, а во политичкиот дел ќе бидат одржани и повеќе состаноци на највисоко ниво на владите од регионот. 

За време на самитот паралелно ќе течат и активностите на Дигиталниот ЕКСПО настан на првиот Дигитален самит за Западен Балкан, како единствена можност за компаниите во дигиталната индустрија да ги претстават своите иновативни производи и услуги, и да се запознаат и поврзат со потенцијалните партнери од владиниот и бизнис секторот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг