Заев: Датум за почеток на преговори во јуни е нашата следна цел

Макфакс

18/04/2018

10:12

3.581

Големина на фонт

а а а

Безусловната препорака од Европската Комисија е мотив за следната цел, а тоа е одлука за почеток на преговори со Европската Унија во јуни, рече премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со еврокомесарот Јоханес Хан.

„Владата уште поенергично ќе ги води реформските процеси во следните два месеца за во јуни Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Ќе утврдиме нов план за динамиката на реформите до крајот на 2018 кој ќе биде поврзан со имплементацијата на она што до сега го постигнавме“, рече Заев.

Тој додаде дека извештајот ги вреднува сите заложби на Владата, процеси за темелни реформи и инклузивни политики. „Во минатите два извештаи заради длабоката политичка криза и констатацијата дека Македонија е заробена држава препораката беше условена со создавање демократски амбиент и демократски реформи. Оваа година препорката е чиста и безусловна. Република Македонија го задоволува основниот политички критериум за членство во ЕУ“, истакна Заев.

Според него, членството во ЕУ и НАТО значи подобра бизнис клима, повеќе инвестиции, повисоки плати и подобар живот.

„Низ соработка со сите засегнати страни и со учество на опозицијата ги усвоивме важните реформи во судството, администрацијата. Ќе продолжиме со опозицијата и граѓанскиот сектор заедно да носиме одлуки и за други национални интереси, тука мислам и формирање широк консензус за решавање на спорот за името“, рече Заев.

Хан: Македонија се врати на европскиот пат, но има уште многу да се работи

Македонија се врати на европскиот пат, но има уште многу да се работи. Тој рече дека реформите мора да продолжат особено во независноста на судството и истакна дека промената не значи само да се подобри легислативата туку е потребна и нејзина имплементација, изјави еврокомесарот Јоханес Хан, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

„Не можам да ја скријам мојата лична среќа за овој успех постигнат по многуте посети. Ова е еден пат кон Европа и останува уште многу да се направи, но уште еднаш искрено ѝ честитам на владата и опозицијата која конечно беше сериозна во поддржувањето на оваа национална цел. Сите овие страни придонесоа до овој момент кој е важен за патот кон ЕУ на Македонија“, рече Хан.

Тој рече дека и граѓаните ја заслужија оваа неусловена препорака со која сите земји-членки на ЕУ го признаа фокусирањето на земјата кон постигнувањето на целите.

„Земјата помина долг пат и покрај тешките околности за да ја надмине длабоката политичка криза и сега сте цврсто назад на европскиот пат. Гледаме дека има позитивна промена, обновено чувство на отвореност и надеж во земјата. Ја чувствувам атмосферата и добрите вибрации во земјата. Македонија стана ветување за демократска промена во целиот регион. Со имплементирање на договорот од Пржино, реформите се спроведуваат, имаме отворени и транспарентни реформи. Но за да се задржи ова нема простор за задоволство, реформите мора да продолжат особено во независноста на судството, промената не е само да се подобри легислативата туку и нејзина имплементација“, рече Хан.

Според него, Владата со планот 3-6-9 постигнала многу за усвојување на неопходното законодавство и сега треба да се имплементира.

„Вие може да бидете модел за регионот. Доколку имате конкретна имплементација постои можност за многу скоро влегување во новата фаза. Мислам дека добро почнавте и важно е да се одржи ова во смисла на транспарентност и независност“, рече Хан, кој му го предаде извештајот на Заев.

Тој го поздрави враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот и рече дека очекува нејзино учество во дебати и поддршка во реформите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг